Приказната за момчето, кое со само три зборови му го спасило животот на странец, трогна илијадници луѓе ширум светот. Фотографијата на Џеми Харингтон од Даблин се рашири на социјалните мрежи, откако беше објавена на страницата Humans of Dublin.
Приказната на Џеми:
…Кога забележав еден маж, на возраст од околу триесет години, како седи на раб од мост, помислив „wow“. Запрев и го прашав дали е добро, но по неговиот поглед знаев дека не е. Не рече ништо, но видов солзи во неговите очи.
– Некое време се убедував со него, го повикав да слезе и да седне на скалите, што и на крај направи. Седнавме на тротоар и разговаравме околу 45 минути за тоа што се случува со него, зошто се чувствува така…
– Требаше да одам, но не можев да го оставам сам, па реков дека ќе повикам итна помош. Му реков дека тие можат да му помогнат, но тој ми рече „Те молам, немој да ги повикуваш. Јас сум добро, само сакам малку да се прошетам наоколу. Ќе бидам добро“.
– Го молев да ми дозволи да повикам итна помош, бидејќи никогаш веќе не ќе можев да заспијам, ако го оставев сам. Така ги повикав и тој беше пренесен во болницата Ст. Џејмс. Го имав неговиот број, па понекогаш проверував како е.
– Пред три месеци, ми испрати порака дека неговата сопруга е бремена, дека ќе добие момче кое ќе го именува по мене. Можете да замислите? Тој на своето дете ќе му го даде моето име?
– Тој рече дека токму кога му пријдов сакал да скокне. Вели дека три зборови му го спасиле животот. „Дали си добро?“ се уште му одекнува во ушите.
– Не можев да разберам како тие три зборови му го спасиле животот, а тој ми рече: „Замисли никој никогаш да не те праша како си“.