Вистинската љубов не постои само во филмовите, како што многумина мислат. Постојат парови кои докажуваат дека големите љубови, кои траат цел живот, се навистина возможни, само треба да се наиде на „сродната душа“, што е многу ретко.
Овие парови и нивните љубовни приказни ќе ви ја вратат вербата во вистинска љубов и ќе ви покажат дека никогаш не треба да губите надеж, ниту да се откажете од љубовта.
Писма откриваат колку се сакале
Џудит Ловел го познавала својот дедо како мрачен и достоиствен човек, па се изненадила кога ги пронашла љубовните писма кои и` ги пишувал и ги добивал од нејзината баба во младоста. Се викал Дејвид Хурд и од Јамајка допатувал во Њујорк во 1907 година, каде што работел што ќе стигнел за да преживее. Бил осамен и во 1913 година почнал да се допишува со непознатата жена Аврил Като од Карибите. Нивната романса растела со секое писмо, а таа дури му испраќала писма кои ги прскала со нејзиниот парфем. После една година допишување, тој толку многу се заљубил во мистериозната жена што ја запросил во писмото, иако никогаш не видел ниту нејзина фотографија.
Нервозно го чекал одговорот, а таа секако се согласила после благословот на нејзините родители. Прв пат се виделе на денот на венчавката во август 1914 година на Јамајка. Таа се преселила со него во САД каде што добиле шест деца. Таа починала во 1962 година, а тој девет години подоцна. Не се оженил повторно и до последното отчукување на срцето ја сакал својата Аврил.
Ги раздвоиле после венчавката, се пронашле 60 години подоцна
Поминале само три дена од венчавката на Ана Козлов и Борис, а тој веќе морал да оди во Црвената армија. Тоа било во 1946 година. Таа го чекала, но Сталин ги прогонил неа и нејзиното семејство во Сибир од каде што не можела да му пишува на својот сопруг.
Борис поминал многу години од животот обидувајќи се да ја пронајде – целосно го изгубиле контактот. Ана била толку скршена, што размислувала за самоубиство. Нејзината мајка тогаш ги уништила сите спомени на Борис, вклучувајќи ги и фотографиите од венчавката и неговите писма. Таа на крајот повторно се омажила, а Борис се оженил. Годините поминувале и двајцата ги загубиле своите сопружници, а тогаш се случило чудо. Ана го посетила родното село, каде што и двајцата некогаш живееле. Одејќи по улица во далечината здогледала постар маж. Срцето и` заиграло, тоа бил Борис. Тој дошол во селото за да го посети гробот на неговите родители. Кога ја видел Ана потрчал кај неа. Сите чувства им се вратиле. Повторно се венчале и конечно живееле како маж и жена.
Чекале 11 години за да бидат заедно
Ирина и Вудфорт Меклин се венчале, но не претпоставувале дека ќе мораат да чекаат долги 11 години за да бидат заедно. Во раните 1970-ти години Ирина живеела во Москва каде што работела. Таму го запознала американскиот професор Вудфорт Меклин. Се заљубиле и се венчале две години подоцна, во мај 1974 година. Но, во август на Вудфорт му истекла визата и морал да го напушти Советскиот Сојуз. Се обидувал да ја посети својата сопруга во Москва, но повеќе пати му одбивале влез во земјата. Од друга страна, на Ирина не и` дозволувале да ја напушти земјата, и тоа без објаснување. Парот бил во контакт преку телефон и писма, а редовно си испраќале фотографии. Повеќе од 11 години подоцна Ирина конечно добила „зелено светло“ за да се пресели во САД. Кон крајот на јануари 1986 година слетала на аеродром во Вашингтон, а тој нетрпеливо ја чекал. Ирина го преточила нивното искуство во книгата „За љубовта и Русија: 11-годишната борба за мојот сопруг и слобода“.
Се родиле на ист ден, а тој починал еден ден после неа
Лес Браун Џуниор и неговата сопруга Хелен се родиле на ист ден – 31 декември 1918 година. Штом се запознале во средно училиште, знаеле дека ќе бидат нераздвојни. Лес доаѓал од богато семејство, а Хелен од работничко. Нивните родители не ја одобрувале врската, ги уверувале дека класната разлика е непремостлив проблем. Но, тие го докажале спротивното. Се венчале, станале родители и секој ден биле заедно, среќни еден со друг. Во длабока старост Хелен се разболела од рак на желудникот, а Лес се борел со паркинсова Болест. После 75 години брак, таа починала на 16 јули 2013 година, а тој еден ден подоцна бидејќи не можел да живее без неа ниту ден повеќе.