
За оваа девојка сметката во банка не е причина да се појавува во медиумите, па доколку се обидете нешто да дознаете за неа, нема лесно да дојдете до информации. Нејзините интервјуа се бројат на една рака, иако Линси е наследничка огромна бизнис империја.
Нејзиното семејство е сопственик на ланецот за брза храна “In-N-Out”, кој во САД е еден од најпопуларните ресторани за брза храна. Линси е претседателка на Управниот одбор, а бидејќи е единствена наследничка, за две години овој ланец ресторани вреден околу милијарда долари, целосно ќе премине во нејзините раце. Со тоа ќе стане една од најмладите милијардерки во САД. Иако избегнува контакт со медиумите, минатата седмица го прифатила интервјуто со CBS.
“Не сакаме да бидеме во центарот на вниманието. Тоа не сме ние”, одговорила богатата наследничка на прашањето “Зошто е толку таинствена”.
Иако бизнисот оди одлично, со оглед на тоа што досега се отворени 304 ресторани во шест сојузни држави, на приватен план не оди сè како што замислила. Оваа 33-годишна милијардерка останала без неколку членови на семејството од различни причини
Првиот ресторан го отворил нејзиниот дедо во 1948. година. По неговата смрт во 1976. година, ланецот го наследил нејзиниот чичко Рик, кој бил на чело на компанијата сè до трагичната авионска несреќа во која го загубил животот. Потоа, компанијата ја преземал нејзиниот татко Гај. Ни тој не се задржал долго на чело, околу шест години. Кога Линси имала 17 години, нејзиниот татко починал од предозирање. Тогаш компанијата ја презема нејзината баба, и ја води сè до 2006. година, кога Лидси доаѓа на нејзино чело.
И покрај семејните трагедии, Линдзи успеала да го прошири бизнисот, бидејќи тогаш нејзината компанија отворила ресторани во уште две сојузни држави. Сепак, младата милијардерка решила да не го менува рецептот кој го донел успехот. Таа сè уште се придржува на начелата кои биле поставени пред таа да дојде на чело на компанијата.
Иако работата ѝ е на прво место, Линси сака и да се релаксира.
“Многу сум слична на мојот татко. Сакам адреналин, татко ми ме однесе на трки кога имав две или три години, и од тогаш моја страст е сè што има мотор”, рекла минатата година за списанието “Orange Coast”.
Една од ретките работи кои ги открила за својот приватен живот, е дека едно време се занимавала со аматерски бокс, како и тоа дека има неколку тетоважи.
Нејзиниот приватен живот е мистерија. Тоа што е познато е дека се мажела четири пати, но останува тајна колку деца родила. А Линси не сака да ја открие таа тајна, бидејќи досега два пати се обиделе да ја киднапираат. Првиот пат како средношколка, а вториот на 24 години.
Линси вели дека е многу поврзана за својата компанија, посебно бидејќи станува збор за семеен бизнис.
“Компанијата му припаѓала на моето семејство кое повеќе не е тука. Имам обврска да ја задржам како што тие би сакале”, вели оваа таинствена милијардерка.