Замислете си ја сценава: Седите со вашето момче (или сопруг) во вашиот омилен ресторан, супер си поминувате, и тогаш покрај вашата маса поминува девојка. Вие гледате како тој го врти погледот, ја „мерка“ од глава до пети, и неговиот „фокус“ за момент застанува вперен во нејзините гради, или задник.
Одненадеж ве обземаат емоции, љубомора, лутина, болка, несигурност. Бура од прашања ви минуваат низ глава: „Дали ја посакува? Дали мисли дека е поубава од мене? Зарем повеќе не го привлекувам?“
Ви звучи познато? Порано или подоцна ова и се случува на секоја жена. Затоа што, да бидеме реални, сите мажи гледаат. Да повториме уште еднаш, сите мажи, не само оние кои се сингл, не само оние кои флертуваат со сите, не само оние кои ги изневеруваат своите партнерки, туку сите, буквално сите.
Сосема е нормално мажите да гледаат во други жени.
И сосема е нормално жените да ја имаат таа инстинктивна, емотивна реакција кога ќе го фатат залутаниот поглед на партнерот.
Исто така сосема нормално е да сакате да знаете што мажите гледаат други жени и што тоа значи.
Што значи „погледот“
- Смета дека таа е атрактивна.
- Кога ќе ја забележи, во неговиот мозок се случува хемиска реакција. Се ослободуваат невротрасмитери, како допамин и сератонин, кои му пружаат „принудно“, не по негова волја, задоволство.
- Дел од него се прашува дали би можел да биде со неа, ја посакува, на сосема безопасен и невин начин.
- Тоа е нешто како вашата симпатија кон некој славен згоден маж, за кого си мечтаете од време на време. Тоа е сосема безопасна фантазија.
- Во некоја друга димензија каде што тој е сингл и без обврски, можеби би бил сериозно заинтересиран за неа.
Што не значи „погледот“
- Мисли дека е поубава од вас.
- Повеќе не сте му привлечни.
- Не е среќен со вас и вашата врска.
- Вие не го задоволувате.
- Вие не сте доволно ______ (атрактивни, згодни, секси, страствени итн.) за него.
- Вие треба да му бидете лути нему, љуборни на неа, и несигурни во себе и своето тело.
- Тој не ви е верен, или наскоро ќе ве изневери.
- Вашата врска е осудена на пропаст.
Едноставно кажано, тоа што се свртел по некоја случајна мунивачка нема никаква врска со вас. Светот е преполн со убави глетки – цвеќиња, зајдисонца, уметнички ремек дела – но за еден маж ниту едно не е поубаво од женското тело. Исто како што не сте загрижени и љубоморни кога вашиот партнер му се восхитува на некое уметничко дело, така не треба да бидете загрижени ни кога гледа во некоја убава силуета.
Погледот не е ништо повеќе од покажување дека ја забележал убавината која се нашла пред него.
Зошто мажите гледаат други жени
За мажите, сексуалната привлечност и емоционалната поврзаност не одат рака под рака. Тие можат да бидат привлечени од жена строго на физичко ниво. Можат да бидат „запалени“ од жена кон која не чувствуваат никаква емотивна поврзаност или не наоѓаат компатибилност. Можат да бидат вљубени до уши во некого, но сепак да ги привлекуваат други жени. Всушност, науката вели дека некои од нив едноставно не можат да си помогнат.
Едно истражување објавено во „Архиви на сексуалното однесување“ воочува голема разлика во начин на кој мажите и жените се привлечени од потенцијалните партнери. Жените повеќе ги привлекува познатото, односно преферираат мажи кои наликуваат на нивниот сегашен партнер или пак колку повеќе гледаат некого толку повеќе им се допаѓа. Мажите од друга страна ги привлекуваат новитетите. Тие се привлечени од новото и поинакво, ги привлекуваат многу различни жени, со многу различни карактерстики и тела.
Ова вообичаено се толкува како резултат на еволуцијата. Општо кажано, жените еволуирале да бидат мајки и сопруги, да се грижат и да негуваат, додека мажите се „програмирани“ да обезбедат преживување на гените „сеејќи го своето семе“ колку повеќе и пошироко можат. Човек би рекол дека нивните очи се програмирани да „шараат“.
Кога тоа станува проблем
Иако е нормално мажите да забележуваат други жени, да гледаат во нив и да им се восхитуваат, па дури и да фантазираат, постои линија која еден зрел и посветен партнер не треба да ја премине. Гледањето е едно, зјапањето е нешто сосема друго. Тоа може да повреди, засрами и навреди. Можеби кога ќе помине атрактивна девојка или жена тој не може да си помогне а да не ја „ѕирне“, но тој момент поминува многу бргу, и тогаш неговото внимание повторно треба да биде насочено кон вас, жената на кој и е посветен.
Зјапањето со „отворена уста“, несоодветните коментари, флертувањето, „ненамерните“ допири (и секако неверството во краен случај) се знак за „црвен картон“. Ваквото однесување покажува дека тој или не е доволно зрел за да знае да се исконтролира, или не ве почитува (вас но и жените воопшто) или не се грижи доволно за вас за да ги скроти своите импулси. За што и да се работи, тој не го заслужува вашето идно внимание…
Како да се справите
Не претпоставувајте ништо
Кога ќе забележите дека вашиот партнер загледува друга жена, не „си правете филмови“ веднаш. Запомнете што тоа може да значи, а што не. Еден поглед не е неверство. Сетете се дека ве сака, дека се грижи за вас, дека ви е посветен и дека се уште го привлекувате. Од сите жени на планетава, тој ве одбрал вас, тука и сега.
Поставете реални очекувања
Препишувањето нереални особини и поставувањето нереални стандарди неизбежно води кон циклус на разочарувања, повредени чувства, лутина и фрустрации. Во тој случај нема победници. Бидете реални во врска со човечката природа и сексуалните желби. На светот постојат многу убави жени, и вие сте единствената која вашиот партнер ја смета за привлечна. Не можете да очекувате дека никогаш нема да погледне друга.
Кажете му како се чувствувате
Ако тоа што некоја девојка му го заробила погледот ве повредува, прави да се чувствувате лошо, кажете му го тоа. Обидете се тоа да биде смирена комуникација. Искажете ги вашите чувства искрено и без да го обвинувате или посрамите.
Поставете здрави граници
Ако вашиот партнер е посветен на вашата врска, тогаш нема да му биде проблем да поставите здрави граници. Да речеме дека ќе се обиде да се контролира, нема да гледа често, никако премногу долго, или бесрамно. Ќе се потруди да не прави да ви биде непријатно (покрај други жени и воопшто!). И најважно од се, јасно ќе ви даде до знаење, со своите зборови и дела, дека ве сака и се грижи за вас, го привлекувате физички и умствено, и е посветен на вашата врска.
На сите нас ни треба љубов и емоционална поврзаност за да бидеме среќни и исполнети, а мажите не се исклучок. Многу културни митови и стереотипи се обидуваат да не уверат дека мажите се емоционално нечувствителни („машките не плачат“), и дека се водат од својата сексуална желба. Но вистината е дека и на мажите им треба интимност, љубов и внимание, исто колку и на жените (барем на повеќето).
Емоционално зрелиот маж е свесен за ова, и го живее животот водејќи се од ова сознание. Тој знае дека врските со емоции повеќе исполнуваат од „секс за една вечер“, дека сексот со некој кој го сакаш нуди поголемо задоволство. Неговата љубов и почит кон партнерката се посилни од инстинктивните сексуални нагони. Тој не ги негира овие импулси, но не се ни впушта во нивно остварување. Да, тој гледа во други жени понекогаш (невино и без задни намери), но никогаш не допира! И секојдневно ви покажува колку важен дел од неговиот живот сочинувате, а тоа е она што е важно, зар не?