
Налик на филмските приказни.
Меланија е родена во 1970-та година во Севница, во Словенија, градот којшто во тоа време претставуваше текстилен центар на поранешна Југославија. Нејзиниот татко се занимавал со продажба на автомобили, а нејзината мајка со моден дизајн.
Меланија Кнавс, како што претходно се презивала, со 16 години започнала да се занимава со манекенство. Две години ѝ биле потребни за да стане членка на една модна агенција во Милано.

Паралелно со манекенската кариера, којашто од Милано се проширила и во Париз, Меланија студирала дизајн и архитектура на Универзитетот во Љубљана. Важна година во нејзиниот живот била 1996-та, кога таа се преселила во Њујорк.
Њујорк ѝ донесе и познанство со Доналд Трамп. Судбоносната средба се случила во 1998-та година на Неделата на модата. Меланија во тоа време била и дел од “Trump Model Management”.

Од средбата до официјализирањето на врската минале шест години, и Доналд изјавил:
– Ние никогаш не сме се скарале, заборавивме што значи тој збор. Исклучително многу сме компактни еден со друг.
Тие се свршија во 2004-та година, а веќе следната година се венчаа во Палм Бич. Хајди Клум, Сајмон Коуел, Хилари и Бил Клинтон, беа семо дел од поканетите гости на нивната свадба. Меланија понесе венчаница со потписот на Џон Галијано, вредна 200.000 долари, а на свадбената торта имаше 3.000 рози.
Медиумите напросто кулминираа со пишувањата во врска со нивната венчавка.
И бајката продолжи и понатаму. Година дена после венчавката, Меланија и Доналд го добија синот Барон Вилијам Трамп, којшто мајката го нарекува мини Доналд.
Веста за раѓањето на синот ја соопшти лично самиот Доналд.

– Сите се одлично, порача Трамп во телефонското интервју за мрежата MSNBC, 20 минути после породувањето на сопругата.
Синот го знае мајчиниот јазик на неговата мајка и ги обожува костумите. Неговиот стил, како младо момче, е строго деловен.
– Нашиот брак се промени откако го добивме Барон, бидејќи тогаш се променија и приориретите. Но тоа не значи дека помалку се сакаме или почитуваме, изјави Меланија за магазинот “Hello”.
Во интервјуто таа додаде дека синот ќе го научи дека и покрај сите привилегии во коишто тој ужива, важна е и работата во животот.
Семејството Трамп живее на релација Њујорк – Палм Бич.

Нивниот пентхаус во Њујорк, со поглед на Централ Парк и Менхетн, е прекриен со мермер и 24-каратно злато. Ентериерот го осмислил архитектот Angelo Donghia, а идејата била реплика на стилот на Луј XIV-ти.
Меланија има свој бизнис, дизајнирање на накит. Таа започнала со овој бизнис во 2010-та година, а потоа започнала да работи и на козметички линии.

Ознаката сопруга на Доналд Трамп е веќе тука, но и титулата дизајнерка исто така.
Не е дека е само убава, велат американските медиуми
– Можеби поради тоа што е исклучително убава, ние не очекувавме дека таа е и исто толку паметна, изјави телевизиската водителка Барбара Волтерс во врска со впечатокот којшто Меланија го оставила кај нејзината екипа.
Меланија ја краси одличен стил. Некој би кажал дека и не е така тешко да се постигне такво нешто кога се има на располагање огромна сума на пари. Сепак, очигледно е дека Меланија знае тие пари да ги искористи на добар начин.
Освојување на Белата Куќа – идната Џеки Кенеди?
Доналд Трамп ќе биде кандидат на Републиканската партија на американските претседателски избори следната година.
Меланија како прва дама на САД? Шансите секако постојат.
– Ќе бидам исклучително традиционална, како што беа Бети Форд и Џеки Кенеди, поддржувајќи го својот сопруг, изјави таа за “New York Times”.

Додека го поддржува својот сопруг, Меланија на сите им го покажа своето природно лице, па можеби токму брчките ќе ја приближат до гласачите.
Доналд Трамп зад себе има два брака, а пред тој по трет пат да го каже своето судбоносно “да”, тој стана татко на четири деца.