
Таа успеала да освои седум национални првенства, за во 2005-та година да забремени и со тоа замине во пензија. Но, тука, помеѓу останатото, нејзината приказна не завршува. Напротив.
Неколку години подоцна, поточно во 2012-та година, таа се најде во средиштето на еден скандал кога беше откриено дека во Лас Вегас работела како ескорт дама.
Четири години подоцна, таа го сподели своето искуство при што којшто отворено зборува и за својата борба со менталната болест. Несвесна дека и таа, како и нејзиниот брат, боледува од биполарно пореметување, успешната спортистка завршила во светот на проституцијата, поради што, кога било откриено сè, се пишувало и дека претставува срам за целиот спорт. А таа овојпат ја раскажува својата приказна во прво лице, сè до најинтимните детали.
Мојот брат боледуваше од биполарно пореметување, поради што во нашиот дом секогаш владееше хаос. Ние никогаш не зборувавме за тоа, однадвор делувавме како среќно семејство. А кога ќе се навратам на тој период, имаше знаци дека ниту со мене не е сè во сосема најдобар ред. Постојано работев под полна пареа и буквално на ништо не можев да се сконцентрирам. Додека растев, се борев со пореметувањата во исхраната, имав суицидни мисли и за време на студиите се обидов да се убијам, но сето тоа го чував длабоко во себе, ја започнува својата приказна Сузи.
Трчањето било единственото нешто коешто ѝ помогнало.
– Сакав да трчам и бев опседната со тоа. Видов дека моите победи на трките позитивно влијаат на моето семејство. Се надевав дека мојот успех ќе го направи моето семејство посреќно и ќе ја ублажи болката којашто ја чувствувавме поради мојот брат.

Иако многу пати успеала да победи, како што кажува самата, секогаш се блокирала на најважните натпреварувања.
– Моето тело знаеше сосема неочекувано да се згрчи пред крајот на трките, како да трчав со клавир на мојот грб. Во финалето на трката од 1.500 метри на Олимписките игри во Сиднеј, каде што бев и фаворит, дури и намерно паднав, бидејќи во последните 50 метри ми стана јасно дека нема да освојам медалја. Полесно ми беше да се соочам со тоа, отколку со неуспех. Поради своето семејство многу сакав да ја освојам и таа медалја, за радоста да го заземе местото на болката поради смртта на мојот брат, којшто година дена пред тоа се самоуби, признава таа.

Иако сфатила дека се ужаснува од натпреварувањата, никогаш не ни помислила дека можеби боледува од некаков вид на пореметување. Едвај дочекала да се повлече од спортот, но продолжила да се труди како би ги задоволила другите.
– Конечно, во 2005-та година забременив. Детето ќе биде мој излез. Тоа беше мој изговор и не можев ниту да дочекам за да станам мајка. Ќе имам дете, можеби и две, и ќе живеам цел живот во совршена среќа. Но, такво нешто не се случи. Неколку месеци после раѓањето на ќерката бев во исклучително мрачно расположение. Работа во “реалниот” свет, брак полн со проблеми, распад на односите со роднините, напнати односи со родителите, спонтан абортус, а потоа и уште еден, и на крај, чувство дека сум лоша мајка. Буквално сè се насобра. Знаев дека мора да ја чувам мојата ќерка постојано. Не можев да ја пуштам. Немав мотивација за трчање. Буквално сè ме нервираше. А потоа за момент одлучив да слетам од патот во автомобилот и да се удрам во некое стебло. Само сакав болката да престане, признава таа.

Сепак, помислата на нејзината ќерка ѝ го препречила патот, а потоа и му признала на сопругот во врска со сето тоа што ѝ минувало низ главата, после што дознале дека се работи за постпородилна депресија. После неколку години, како што кажува самата, “преживување”, престанала да го зема лекот со којшто ја одржувала својата стабилност, и црните мисли повторно се вратиле.
– Повторно бев суицидна. Бракот ми се распаѓаше. Семејството ме излудуваше. Ја мразев својата работа. Само сакав да избегам. Докторот ми препиша друг антидепресив. Дејството веднаш го почувствував. Се чувствував фантастично. И подобро од тоа. Се чувствував живо. Сакав да живеам. Сакав да ги остварам своите фантазии, раскажува таа.
И токму во тој момент ѝ се приближувала 20-годишнината од бракот, а тој период и ќе го одбележи нејзиниот живот.

– Вечера во градот со цвеќе? Не е тоа за мене. Сакав да одам во Вегас, да скокнам од авион, да изнајмам ескорт дама и да имаме секс во тројка. Цела листа од нешта за коишто мислев дека никогаш нема да ги направам. Сето тоа го сакав веднаш. Скокот од авион би бил фантастичен, нешто што порано никогаш не би се осудила да сторам, но го направив тоа. А потоа следеше сексот во тројка. Мојот живот се менуваше. Станав нова жена. Што сè сум пропуштила? Слободата. Сакав секс. Единствено само на тоа размислував, раскажува таа.
А во тие моменти, како што додава таа, нејзиниот брак се движел во надолна линија.
– Барав и добив дозвола за авантури. Се обидовме со отворена врска. Разводот не беше опција, не за мојата ќерка, ниту за нашиот бизнис, открива таа.
Во текот на следните шест месеци неколку пати сама патувала во Лас Вегас и таму пронаоѓала “машки проститутки” а подоцна се состанувала со мажи коишто ги запознавала во баровите на казино клубовите, после што започнала да инсистира да добива подароци во замена за секс.

– А потоа ја добив и идејата. Нема да плаќам за проститутки. Ќе станам проститутка. Неколку месеци бев втора најпопуларна ескорт дама во Лас Вегас (да, навистина постојат ранг-листи), и меѓу топ 10-те во светот. Никогаш не бев посреќна. Го сакав сето она што е табу, ризик, опасноста од сето тоа, и секогаш морав да одам и чекор подалеку. За мене никогаш и ништо не беше доволно. Парите беа добредојдени, но тие не ме привлекуваа. Ме привлекуваше возбудата, ризикот, табуата, вниманието, моќта и сексот. За сето тоа време мојот бесен маж ме штитеше, го чуваше мојот углед, го одгледуваше нашето дете, ја одржуваше работата со недвижнини, додека јас отидов во насока без никаква контрола, признава Сузи.
А година дена откако почнала да се проституира, разочаран клиент ја издал. А еден таблоид и ги открил нејзините активности пред целиот свет.
– Останав без својот нов живот. Ми се вратија суицидните мисли. Мојот свет се сруши. Сопругот ќе ме остави, ќе ми го земе и детето, родителите ќе ме напуштат, како и моите пријатели, верував во тоа. Како би ги спасила своите односи, чувствував потреба за веднаш да побарам помош, дури и ако се работи за привид. Признавам, тогаш веќе започнав да чувствувам дека нешто дефинитивно не е во ред со мене, после месеци и месеци порекнување. Тоа беше прв пат да посетам психијатар. Се обидов да го уверам дека ми е добро, дека можам да продолжам да живеам без промени. Но, после неколку недели ми беше дијагностицирано биполарно пореметување, и се откажав од антидепресивите коишто веројатно беа одговорни за моето непрекинато манично однесување, во текот на изминатите година дена, објаснува таа.
А тогаш и започнала да се опоравува, додека нејзиниот сопруг трпеливо бил покрај неа.
– Сопругот не ме остави. Ниту пак ми ја одзема ќерката. Моите родители не разбраа зошто, но останаа покрај мене и ме сакаа на најдобар можен начин на којшто можеа тоа да го прават. Некои пријатели исчезнаа, но голем дел од нив останаа, иако беа збунети. Имав одредена поддршка и во светот на атлетиката, но некои сметаа дека сум срам за целиот спорт и сè што сакаа е да исчезнам. Морав да се откажам од својата редовна работа бидејќи имаше лошо влијание на моето пореметување. Денес моето пореметување е под контрола. Научив да не се срамам од она што сум го сторила, наведува таа, и продолжува:

– Жалам за некои нешта, но не се срамам. Срамот ве застанува и го спречува опоравувањето. Најмногу ме боли кога ќе помислам на тоа што сè им сторив на моите најблиски. Моето патување, колку и да изгледа чудно, ме претвори во личност со којашто сум посреќна. Понезависна сум. Сега сум подобра сопруга и мајка, и подобра пријателка. Предавам јога и држам јавни говори за прашања во врска со менталното здравје. Поздрава сум од било кога. Пронајдов здрави механизми за соочување со проблемите. Имам повеќе сочувство од било кога, бидејќи знам какво е чувството кога ќе ве посрамотат и отфрлат. Никогаш нема да бидам излекувана, и ќе живеам со биполарно пореметување целиот свој живот. Знам дека нема секогаш да биде лесно. Но, секогаш ќе знам дека, колку нештата и да станат мрачни во иднина, дека секогаш ќе биде подобро на крајот, заклучува таа.