
На британскиот суд моментално се води една од најжестоките бракоразводни парници во историјата, а главни актери се поранешниот супермодел Кристина Естрада и богатиот саудиски шеик. Медиумите денес објавиле детали од судскиот процес, а јавноста е шокирана од барањата на манекенката.
Кристина наводно го одбила предлогот на поранешниот сопруг Валид Џуфали, кој ѝ понудил 37 милиони фунти во рамките на спогодбата пред судењето. Наместо тоа, таа бара тој да ѝ плати неверојатни 196 милиони фунти, пишува Daily Mail.

Таа пред судот изнела дека сака недвижнини во вредност од повеќе од 55 милиони фунти. Објаснила дека не може да живее во својата сегашна куќа, бидејќи во тој случај би морала да дели еден кат со персоналот.

Таа бара и годишен буџет од еден милион фунти за облека. Во тоа влегуваат 40.000 фунти за бунди, 109.000 фунти за тоалети од висока мода и 21.000 фунти за чевли секоја година. Објаснила дека тоа е стандардот на кој се навикнала, дека чевлите кои ги носи чинат толку, и дека секоја година мора да купи 35 рачни часовници “бидејќи тие мора да “одат” со комбинацијата на облека”. Тука е ѝ буџетот за забава и релаксација, во кој влегуваат и годишни карти за Вимблдон од 28.000 фунти, и 50.000 фунти за гала вечери кои ги организира за Божиќ. Покрај новата куќа во Лондон, сака и куќа на село, како и пет автомобили во вредност од половина милион фунти.

Тука се и 4.000 фунти за 15 пара очила, повеќе од 100.000 фунти за ташни, 26.000 за мобилен телефон….
Кристина вчера плачела во судницата, удирала на маса и реагирала многу емотивно кога нејзините барања биле доведени под знак прашање.

“Јас сум Кристина Естрада. Јас бев меѓународен топ модел. Живеев таков живот. На тоа се навикнав”, му рекла таа на адвокатот кој го застапува нејзиниот поранешен сопруг.
За работата да биде полоша, Џували моментално се наоѓа во болница во Цирих, каде се лечи од рак.

Таа тврди дека нејзините барања се одраз на нејзината желба да застане зад сите жени, иако нејзиниот начин на живот се смета за екстравагантен, тоа е всушност тежок живот полн со одговорности.

Џували е меѓународен бизнисмен чие богатство се проценува на 648 милиони долари, но правниот тим на Кристина вели дека тој има 8 милијарди.

Тој вели дека веќе великодушно ги обезбедил поранешната сопруга и нивната ќерка, им дал имот во Калифорнија, и дека плаќа 100.000 долари месечно за сите трошоци на нивната ќерка. Тој моментално е премногу болен за да присуствува на суд.
