Девојка, која ја изгуби својата коса поради рак, инспирира на социјалните мрежи со позитивна фотосесија со моќна порака.
Андреа Сиера Салазар не дозволува ќелавата глава да ѝ застане на патот да биде модел, а сега му покажува на светот дека вистинската убавина е во секој од нас. Таа сподели фотографии на социјалните мрежи на кои позира со насмевка на лицето, а во описот напиша: „Ракот не ме спречи да бидам принцеза“.
17-годишната девојка открила дека има Хочкин ломфом во втор стадиум откако пронашла грутка на својот врат. Следувале многу денови поминати во болница и губење на косата како последица на лекувањето. Заедно со губењето на косата, Андреа започнала да ја губи и својата самодоверба.
„Пред хемотерапијата секогаш бев самоуверена личност, но кога косата започна да ми паѓа, ќе се погледнев во огледалото и не се чувствував воопшто самоуверено“ – вели Андреа.
Сепак, инспиративната девојка продолжила да го следи својот сон да биде модел и откако научила да се сака токму онаква каква што е, сними фотосесија без перика за која доби многу аплаузи на социјалните мрежи.
„На почетокот не се чувствував доволно самоуверено за да се фотографирам без перика, но потоа сфатив дека не постои причина за да се срамам од мојот изглед, дека треба да се гордеам. Не е важна надворешната убавина, туку внатрешната. Тоа ја инспирираше фотосесијата без перика“ – објаснила Салазар.
Поради честите престои во болница Андреа била принудена да гледа многу мали девојчиња кои како неа ја губат самодовербата и сега сака да ги инспирира да бидат позитивни за својот изглед.
„Постојано гледам мали девојчиња и на нивните лица се гледа дека ја изгубиле својата самодоверба. Сакам тие да знаат дека физичките атрибути не нè дефинираат, она што е навистина важно е нашата внатрешна убавина, начинот на кој се однесуваме кон другите и ако си љубезна личност, тоа ќе се покаже“ – вели таа.
„Не е важно дали имаш коса или не. Не мислам дека те претставува како личност ако немаш долги нозе, или сини очи, или нешто кое луѓето го сметаат за совршено… Тоа не е убавина. Ракот не треба да те спречи да го правиш она што го сакаш. Сакам луѓето да знаат дека се убави внатрешно и сакам да бидам инспирација за нив“ – додава Андреа.