Природата е прилично економична и благотворните билни купки имаат повеќестрано дејство: делуваат одлично на кожата на телото, а преку неа и на нашето расположение, тонус и добар сон. Од букетот на билки што ги предлагаме, одберете го тоа што ви е на вас најпотребно и препуштете се на неговото делување.
Купка од липа
По напорен ден или нервна напнатост од било кој вид, би било многу убаво да седите под липа, под нејзината широка, сенлива, мирисна крошна. Тоа, за жал, не е секогаш можно, но за да се чувствувате спокојно, како во тивка јунска вечер, направете си (и на вашите деца) купка од цвет од липа. Сварете чај од липа – 100 гр. цвет за 3 л. вода. Оставете го да одстои и додајте го во водата за бањање. Во кадата влезете претходно истуширани и опуштете ги капаците, вилицата, вратот и рамената…нека трае тоа 15-20 минути, а потоа избришете се со тапкање со мек пешкир. Сонот ќе ви дојде сам, на пат до спалната соба.
Купка од камилица
Сварете силен чај од цвет од камилица, кој и сами можете да го наберете во поле. Доколку сакате, можете и да додадете липа. Потребен ви е 150 гр. сув цвет за 2 л. вода. По 20 минути исцедете го чајот во кадата и дополнете ја со врела вода во која ќе се бањате. Лежете во кадата и опуштете се.
Сувите цветови може и да се ставаат во ленена вреќичка која добро се врзува. Преку неа се пушта врела вода и тоа е основа за добра купка. Ефектот е ист – смирува, опушта, спречува главоболки, ја чисти кожата и делува дезодорантно. Прикладна е за вечерните моменти, пред спиење.
Купка од маточина
За оваа блага, а толку ефикасна купка, по која ќе го почувствувате слаткиот мирис на лимон, потребни ви се 100 гр. сув лист од маточина од кој ќе сварите чај или, во ќесе од газа, да го потопите во када. По 20 минути, купката е спремна за вас. Ќе ве опушти и ќе ви ја смири нервозата. Доколку сакате да постигнете уште поголем ефект, додајте во кадата и 4 лажици мед