Научниците за прв пат досега открија супстанца што би можела да биде корисна во лекувањето на последиците од мозочен удар, втората најголема причина за смртност во современиот свет.
Новооткриениот лек, протеинот Hi1a e составен дел на отровот на австралискиот вид пајак Hadronyche infensa, а истражувањата направени на стаорци покажаа дека со една доза Hi1a, вбризгана два часа по мозочниот удар, ги намалува оштетувањата на мозокот дури за 80 отсто.
Истата доза била многу делотворна и по осум часа и ги намалувала оштетувањата за околу 65%.
Научниците сметаат дека овој протеин би можел да биде слично делотворен и кај луѓето.
Клиничките истражувања на пациенти би требало да почнат во следните две години и ако се потврди делотворноста кај луѓето, ова ќе биде првото средство за лекување на последиците од мозочен удар.
Протеинот Hi1a бил откриен случајно додека научниците издвојувале ДНК на овој вид пајак.
Од мозочен удар умираат околу 6,7 милиони луѓе годишно, а стручњаците сметаат дека бројот на случаи на инвалидност и предвремена смрт предизвикани од мозочен удар би можел двојно да се зголеми во наредните 15 години.