
Една од најголемите фудбалски легенди Аргентинецот Диего Армандо Марадона ги обвини своите две ќерки Далма и Џанина за кражба на 3.4 милиони фунти и побара една од нив да се казни со затворска казна.
Аргентинецот ја обвинил и својата поранешна сопруга Клаудија Вијафане дека е вмешана во наводната кражба, со тврдења дека дел од парите ги оставиле во Уругвај.
Поранешниот фудбалер на Наполи изјавил дека неговото семејство дел од парите ги ставиле на сметка во банка во Уругвај, додека еден дел од неговите пари ги искористиле за купување на имот во САД.
Адвокатот на Марадона тврди дека Џанина на 28 август поминала неколку часа во Уругвај, каде има отворено сметка во банка, од која зема пари и ги префрла на друга сметка, пренесуваат шпанските медиуми.
„Доколку парите се таму каде што мислиме дека се, тогаш не постои друга опција освен Џанина да биде уапсена“, изјави адвокатот на славниот фудбалер.
Џанина на обвиненијата одговори дека нејзиниот татко знае каде таа живее и дека слободно може да ја посети, бидејќи нема што да крие.
Во текот на кариерата, контроверзниот фудбалер, кој во еден период беше зависник од кокаин, играше и за Бока Јуниорс и Барселона, а со репрезентацијата на Аргентина го освои Светското првенство во фудбал во 1986 година.
Марадона се смета за еден од најдобрите фудбалери во историјата на овој спорт, со кој престана да се занимава во 1997 година.