Колумбиската пејачка Шакира се најде на мета на шпанските даночници кои тврдат дека во период од три години, помеѓу 2011 до 2014, таа не плаќала данок.
Даночната управа на Шпанија изјави дека ќе покрене истрага против Шакира, а доколку се докаже нејзината вина, таа би требало да плати парична казна од десетина милиони евра. Освен тоа, би можела и да добие затворска казна, во зависност од сумата која ја затаила.
Извори блиски до пејачката тврдат дека таа пред судот ќе се брани со фактот дека во државата поминувала помалку од 183 дена годишно, со што законски не е обврзана да плаќа данок на Шпанија од парите кои ги заработила во остатокот од светот.
Од друга страна, даночниците велат дека се работи за чиста проневера и затајување на данок и поради тоа сакаат да ги наплатат сите приходи кои пејачката ги имала, а не само оние кои ги остварила од 2015 година па наваму, откако таа и официјално се пресели во Шпанија каде моментално живее со нејзиниот сопруг, фудбалерот Џерард Пике.