Група на поранешни студенти, сега веќе успешни вработени луѓе, се собрале да посетат еден од поранешните професори од факултет.
Разговорот набрзо прераснал во поплаки за умор, исцрпеност, стресот на работа, фамилијарните проблеми… на секој чекор од животот.
Професорот ги слушал внимателно и сочувствувал.
„Ми изгледа како да ви треба добра шоља кафе“, рекол тој и се повлекол во кујната.
Се вратил со послужавник на кој стоел голем лонец од кој испарувало кафето и цел асортиман на различни чашки. Секоја била поинаква. Имало порцелански, пластични, стаклени, хартиени, кристални, керамички… Некои изгледале скапоцено, како да стигнале од дворецот на последниот кинески цар, други изгледале сосема обично, трети биле пукнати и оштетени…
„Послужете се“ – рекол професорот.
Кога сите поранешни студенти имале во рака шоља со кафе, професорот забележал:
„Убавите и скапоцените шољи веднаш ги зедовте. На маса останаа сосема недопрени грдите, евтините и обичните шољи. За себе го сакате само најдоброто, што воедно е и ваш извор на стрес. А, сепак, изгледот на шољите не придонесува на вкусот на кафето. Поубавите садови обично се само поскапи, а понекогаш го замаглуваат она што го пиеме. Вам всушност ви беше потребно добро кафе, а не убава шоља. Сепак сите посегнавте по најдобрите. А потоа продолживте да ги меркате туѓите шољи.
Кога ќе се најдете во вртлогот од стрес и незадоволства, сетете се дека кафето е како животот. А работата, парите, положбата во друштвото – како шољата.
Шољата не го дефинира, ниту го менува животот кој го живееме. Понекогаш, концентрирајќи се само на шољата, го пропуштаме уживањето во кафето. Пиете кафе, не шоља. Најсреќни се оние луѓе кои немаат сè најдобро, туку го извлекуваат најдоброто од се. Живеат едноставно, зборуваат љубезно, сакаат од срце…“