Парите што Роса ги заработуваше работејќи во фабрика за чевли во Турција не беа доволни за да ги издржува трите деца, кои ги остави во Украина. Нејзината нова пријателка, Катерина и кажа дека може да и најде работа како келнерка во казино во Босна и ја убеди да дојде со неа во Молдавија, па оттаму заедно да тргнат кон Сараево.
– Почнав да мислам на сите нешта што ќе можам да ги сменам за да им помогнам на моите деца, на моето семејство. Но, како што се наближуваше времето да заминеме од Молдавија во Босна, Катерина ми кажа дека има некаков проблем со пасошот и дека ќе ми се придружи во наредната недела. Ме запозна со Романец, кој требаше да ме однесе до таму – раскажува Роса.
Роса, која одби да си го каже своето вистинско име, вели дека почувствувала дека нешто не е во ред пред заминување кога ја поздравила Катерина, но таа не и го возвратила поздравот, туку само се свртела и заминала.
– Ги пристиснав моите претчувства. Обично не верувам никому, но си реков себеси дека понекогаш треба да имам доверба во луѓето – вели Роса, додавајќи дека и платила 300 долари на Катерина за да и ја најде работата во Босна.
Но таа не знаела дека посредничката од макро добила 700 долари за да ја направи Роса негова робинка.
Преку границите Романецот ја пренесувал илегално. Била продавана, тепана, силувана и присилувана да се продава во бордели. Печалбата одела во рацете на макрото.
Премногу се плашела да им избега на макроата бидејќи тие го имале нејзиниот пасош, домашната адреса и фотографиите од нејзините деца.
Роса беше ослободена во Британија, кога тамошната полиција изврши рација во сауната каде што таа работеше како масажерка.
Сиромаштијата, војните, затворените граници и домашното насилство присилува илјадници мажи и жени од источна Европа да побараат работа на богатиот запад.
Додека владите на западните земји ги затвораат границите за имигрантите, многу жени од Источна Европа очајни за каква било работа се ставаат во рацете на криминалци, кои преку граница ги шверцуваат со лажни документи и патни исправи.
– Профитот е огромен, а парите што макроата и шверцерите на луѓе им ги ветуваат на жртвите се многу поголеми од месечните плати што тие можат да ги добијат во своите земји – изјавуваат од одделот за борба против шверцот на луѓе во Меѓународната организација за миграции со седиште во Женева.
Во туѓина, жените се принудени да се проститураат и да им се покоруваат на макроата. Не можат да пружат отпор, а според законот тие прават криминално дело и се плашат да побараат помош од полицијата.
Полициските експерти сметаат дека шверцот со луѓе е бизнис што годишно на макроата им носи профит од 12 милијарди долари. Жените се затворени во соби и често се преместуваат од едно на друго место. Речиси е невозможно да им се влезе во трага.
Пред пет години, британската влада соопшти дека околу 1.000 жени што биле прошверцувани во земјата биле присилувани да се проституираат. На многу места во градовите во Британија можат да се видат излепени постери на кои се прикажани девојки што на клиентите им нудат незаштитен секс.
Многу од нив се заразени со кламидија, сифилис, хепатитис и со ХИВ, бидејќи се принудени на незаштитен секс. Повеќето имаат лузни поради ќотекот од макроата, остануваат стерилни и страдаат од стрес.
– Речиси сите поранешни проститутки страдаат од стрес. Имаат кошмари и патат од несоница. Се плашат од непознати и не сакаат да бидат сами – изјавуваат од одделот за борба против шверцот на луѓе.
– Антиимигрантската кампања, на која инсистираат многу Британци, само ќе ги влоши работите. Државата ги депортира жртвите и тие на судските процеси не можат да сведочат против макроата. Многу судења така паѓаат во вода – се истакна во извештаите на одделот за борба против шверцот на луѓе.
Тројца шверцери на луѓе од Источна Европа се уапсени во Британија откако полицијата откри дека на сопственик на ноќен бар за 4.000 долари му продале 15-годишно девојче од Литванија, на кое и ветиле дека ќе и најдат сезонска работа во земјата.
Три месеци подоцна таа босонога се појави пред вратата на полициска станица во северниот дел на Англија.Тројцата макроа се соочуваат со затворски казни до 18 години.