Изминативе недели кои поминуваат во интензивно седење во затворено и социјално дистанцирање и најголемите интроверти посакаа престој во природа и прошетка во зелени паркови
Со оглед на тоа дека речиси сите јавни места се затворени, голем број институции како што се театрите, кината, националните паркови и сл. одлучиле да овозможат виртуелен пристап и на тој начин да ни го збогатат и пополнат времето кое сме приморани да го поминуваме во своите домови. Иста е ситуацијата и со ботаничките градини. Дури 1700 ботанички градини ги затвориле вратите заради здравствена сигурност, а некои од нив од неодамна му се придружија на виртуелниот свет , па ни овозможија разгледување на зелените оази од безбедноста на нашите домови. Еве пет најубави светски познати ботанички градини кои сакаме да ги посетиме барем еднаш во животот, а сега можеме да ги прошетаме виртуелно
Версајската ботаничка градина во Париз
Градините Версај се едни од најстарите, најголемите и најспектакуларните градини на светот, а ги красат 372 статуи, 55 различни извори со вода, 600 фонтани и стотици илјади билки и дрва кои постојано се садат во текот на целата година. Градината е дел од бајковитиот версајски дворец, а целиот комплекс сега можете да го прошетате од дома.
Градината на сликарот Клод Моне
Клод Оскар Моне е еден од најважните, а за многумина и најдоследниот претставник на францускиот импресионизам кој љубовта кон природата и уметноста ги обединил сликајќи, но и уредувајќи градина во едно мало село на 60 километри од Париз. Градината се одржува и денес во познатиот стил на Моне, а секоја година привлекува се поголем број на посетители од сите делови на светот.
Ботаничката градина во Мерано
Сместена во западната покраина на јужен Тирол, италијанските градини Trauttmansdorff се прогласени за најубави градини во 2005 година, а единствени се заради бројните детали кои потекнуваат од европската архитектура. Ренесансни градини, геометриски насади и раскошни англиски рози се само дел од причините поради кои оваа градина редовно се наоѓа на самиот врв на листата на најубави светски ботанички оази.
Ботаничка градина Kew Gardens, Лоднон
Оддалечена само 30 минути од самиот центар на Лондон, оваа градина е една од најголемите и со најразновидни билки. Во склоп на градината има и џиновски стакленик исполнет со прекрасни тропски билки, од кои голем дел се на раб на исчезнување. Препорачливо е при виртуелната прошетка да се качите ва самиот врв- Пагода и да уживате во глетката на главниот град- Лондон.
Ботаничка градина Buffalo, Њујорк
Фредерик Лоу Олмстед, познат архитект кој стои зад дизајнот на популарниот New York Central Park, ја дизајнирал и една од најстарите ботанички градини во градот Бафало. Виртуелната прошетка овозможува влез во вртоглаво високата стаклена купола во викторијански стил, исполнета со тропски овошки и неодоливи сукуленти.