Од сите чудни работи поврзани со шарениот и криминален лик од центарот на дивиот свет Тајгер Кинг, Џо Егзотик, најчудна е онаа дека кошаркарската ѕвезда Шекил О’Нил се познава со него.
Во една од сериите се појавува лично Шекил, кој се слика со Џо Егзотик и се грижи за животните. По појавувањето во емисијата Шекил морал да објаснува неброено многу пати дали и колку го познава Џо Егзотик.
“Луѓето веднаш ќе почнат да си носат заклучоци, но јас бев само гостин во емисијата. Го запознав ликов, не ми е пријател. Не го познавам. Никогаш не сум имал бизнис соработки со него, ниту пак знам како оди тоа”. Тој вели дека за лекувалиштето дознал случајно возејќи се на натпревар, па решил да застане и така го запознал Џо, се сликале неколку пати и донирал пари за да се обезбеди храна за големите мачки. Тој инсистирал да застане во прифатилиштето затоа што отсекогаш го поддржувал помагањето на тигрите. Тој кажал дека сака тигри, особено белите и дека постојано донира во зоолошките градини за нивното добро, но кажал и дека не чува тигар во својот дом.
Во 2015 година била објавена вест дека Шекил купил две мали тигарчиња десет години претходно, кои наводно сега живеат на фарма во Флорида и за нив се грижи одгледувач. Тој повремено споделува и слики на Инстаграм од малите тигарчиња кои ги спонзорира, а кои се всушност “лигар”, вкрстен вид од лав и тигар.
Иако емисијата била прикажана пред неколку недели, контроверзиите околу врската помеѓу Шекил О’Нил и Џо Егзотик не стивнуваат. Но Шекил во едно интервју повторно изјавил дека ако си пријателски настроен кон некого, не значи дека си му пријател. Кога го прашале за мислење за Џо Егзотик, тој одговорил: “Тој е еден од оние типови што одат по аудиции секој ден, очајно сакајќи да станат ѕвезди и решени се да направат сè ”.