Јуни, 1836
Сакан мој ангелу,
Речиси сум полуден по тебе, колку што човек може да полуди: не можам да спојам две мисли без ти да се вмешаш меѓу нив.
Веќе не можам да мислам на ништо друго освен на тебе. И покрај усилбите, мислите ме носат кај тебе. Те зграпчувам, те бакнувам, те милувам, илјадници најљубовни милувања ме совладуваат.
Што е до моето срце, таму ти засекогаш ќе бидеш — и тоа премногу. Ми доаѓа едно сладникаво чувство на тебе таму. Но, Боже мили, што ќе стане со мене ако ти ме лишиш од разумот? Тоа е мономанија што, изутринава, ме плаши.
Станувам секој момент велејќи си во себе, “ајде, одам таму!” Тогаш, повторно седнувам, придвижен од осетот за моите обврски. Има еден застрашувачки конфликт. Ова не е живот. Никогаш порано не сум бил ваков. Ти ми одзеде сѐ.
Се чувствувам будалесто и среќно штом помислам на тебе. Се врткам во сладникав сон во кој за еден миг проживувам илјада години. Колку ужасна ситуација!
Совладан од љубов, ја чувствуам во секоја пора, живеам само за љубов и се гледам себеси обземен од жалост и заплеткан во илјадници пајакови мрежи.
Ох, моја драга Ева, ти не го знаеше тоа. Ја зедов твојата карта. Еве ја пред мене и зборувам со тебе небаре ти си таму. Те гледам, како што те гледав вчера, прекрасна, неверојатно прекрасна. Вчера, во текот на целата вечер, си велев во себеси, “моја е!” Ах! Ангелите во рајот не се толку среќни колку што бев јас вчера!
Оноре де Балзак
До Евелина Ханска, Полска грофица со која подоцна се ожени