Присутноста на пчелите е показател за здрава околина. Нашиот опстанок зависи од пчелите бидејќи тие се најважните опрашувачи на билки на планетата, што значи дека се клучни за производството на храната. Но, бројот на овие инсекти алармантно се намалува заради неконтролираната употреба на инсектицид и пестицид, климатските промени и технолошките електромагнетски зрачења.
Повикувајќи на чување на пчелите, Обединетите народи во 2017 година го прогласиле 20ти мај за Светски ден на пчелата. Неговото овогодишно мото годинава е „Ангажирај се за пчелите„ бидејќи секој може да придонесе да тие имаат посигурни и почисти живеалишта. Негувајте ги во својата околина медоносните билки и дрва и притоа, секако одбегнувајте употреба на хемиски средства.
Исцелувачкото дејство на пчелите кон човековото здравје, најчесто се поистоветува со апитерапевтската примена на медот, прополисот, матичниот млеч, полен, восок и пчелин отров. Но апитерапијата не е само употреба на пчелните производи, туку и спознавањето дека пчелите се исконски поврзани со природните сили кои го одржуваат текот на земјата.
Пчеларството или апикултурата од засекогаш имаат духовна димензија. Древната цивилизација од средноамеричките народи Маи, до старите Грци, Египќани и Индијанци, ги сметале пчелите како свети суштества- боженствени гласници кои го поврзуваат небеското со земното.
Многу мислители биле фасцинирани од пчелите, почнувајќи од Аристотел кој во 4тиот век пред Христос, напишал прва стручна книга за пчеларството, до нобеловецот Алберт Ајнштајн кој на почетокот на 20тиот век предупредил: „Ако исчезнат пчелите од лицето на земјата, човекот како вид нема да опстане повеќе од 4 години. Без пчелите, нема опрашување, нема плодови, нема храна, нема ни човештво.„
Љубителите на пчелите истакнуваат дека тие на нам би требало да ни бидат пример, бидејќи во нивната заедница владее совршена структура. Секоја пчела во кошницата има своја задача, а притоа меѓусебно си помагаат и најважно им е општото добро. За себе никогаш не земаат повеќе од она што им е потребно.
Фрекфренцијата на зуењето на пчелите е отприлика помеѓу 250 и 432 херца, што поволно влијае на менталното и телесното здравје. Хармонијата која владее во кошницата, лесно преминува на човекот па отука пчеларник е идеално место за развивање на смиреност и трпеливост.
Фасцинантна приказна за пчелите носи и филмот„Медена земја„ кој оваа година беше номиниран за Оскар. Овој документарец го прикажува животот на Хатиџе Муратова, пчеларката од Македонија која е меѓу последните познати медари во Европа кои ја следат древната традиција на соработка со дивите пчели. Повеќе дознајте на https://honeyland.earth/
Пчелите имаат и своја „инфлуенсерка„ – компјутерски генерирана пчела Б која со своите симпатични постови повикува на чување на скапоцените „зуења„. Недоливата пчеличка може да ја најдете на профилот @bee_nfluencer на Инстаграм и Твитер и на порталот Beefund.fondationdefrance.org.