По првично откажаната турнеја што ја планираше за ова лето, поп-ѕвездата Лејди Гага избра нови датуми за „Chromatica ball“ – придружни концерти кои ќе го промовираат нејзиниот шести студиски албум „Chromatica“. Имено, иако во февруари најави шест големи концерти на стадиони ширум Европа, Лејди Гага ги откажа своите настапи поради пандемијата на коронавирус. Пред неколку дена, таа и нејзиниот менаџерски тим објавија нови датуми за 2021 година.
Концертот во Париз ќе се одржи на 25 јули 2021 година, концертот во Лондон на 30 јули 2021 година, во Бостон на 7 август, во Торонто на 16 август, во Њу Џерси на 19 август, а ќе се одржи последниот концерт закажан за сега во Чикаго на 27 август 2021 година. Гага на социјалните мрежи напиша дека се надева дека следното лето ќе биде побезбедно за големи собири, бидејќи, како што рече, здравјето на нејзините фанови е најважно.