Британски научници откриле дека корона вирусот најчесто влегува во организмот преку клетките во носот, па предупредуваат дека е важно да се носи маската правилно, така што да ги покрива и носот и устата.
Носењето маски помага да се запре ширењето на коронавирусот, бидејќи тие го запираат ширењето на капките плунка кога кашламе, киваме или зборуваме, но заштитата важи само доколку ги носите правилно, предупредуваат британски експерти. Во Велика Британија, маските се задолжителни во јавниот превоз, болниците, продавниците, кина, театри, музеи и цркви или во сите оние места каде што одржувањето на социјалната дистанца не е целосно изводливо.
За оние кои не носат маски, казните изнесуваат стотина фунти, а на многу јавни места има упатства како да ги носите правилно: Маската мора да одговара на лицето и да ги покрива носот и устата.
Имено, некои луѓе не го покриваат носот со маските, што, како што покажуваат некои истражувања, може да го зголеми ризикот од инфекција, односно да ја намали ефикасноста на маската. Така, истражувачите од Универзитетот во Северна Каролина испитувале делови од респираторниот тракт, за да откријат каде вирусот најверојатно се инфилтрира во телото.
Откриле дека клетките во носот имаат значително поголема веројатност да бидат заразени и дека преку нив инфекцијата ќе се прошири на грлото или белите дробови. Така, тие заклучуваат дека најверојатно ќе се заразиме и ќе добиеме Covid-19 преку носот, бидејќи вирусот се „фаќа“ за клетките на ситните влакненца.
Тие обично помагаат во заштитата на носот од бактерии и вируси, па затоа е важно носот да биде покриен со маска, како и устата.
Но, д-р Тод Елерин, специјалист за заразни болести со канцеларија во Масачусетс, вели дека постојат голем број причини зошто луѓето не го покриваат носот со маска.
– Една од причините може да биде тоа што така е попријатно кога носите маска подолго време. Ако ја носите подолго време, понекогаш може да биде потешко да дишете ако и носот ви е покриен – објаснува тој. Додава дека оваа студија е многу важна бидејќи покажува дека носот може да биде првиот „влез“ за вирусот во организмот.
Д-р Ричард Баучер, директор на Институтот за бели дробови Марсико, посочува дека носот е главната ‘патека’ низ која сите вируси влегуваат во нашето тело и функционира како плодна почва за развој на сите видови на инфекции, пренесува The Mirror.
Еве како треба да ја носиме маската:
Доктор, д-р. Хилари Џонс во шоуто ‘Good Morning Britain’ уште еднаш објасни како треба да ги носиме маските за да бидат максимално ефикасни:
1. Првиот чекор, дури и пред да ја извадите маската, треба да биде миење на рацете со сапун и дезинфекција со соодветно средство.
2. Ставете ја маската на лицето, држејќи ја само за ластиците со кои ќе ја закачите зад ушите.
3. Не допирајте ја внатрешната страна на маската за да не ја контаминирате.
4. Никогаш не ставајте ја маската под устата, или под брадата за да разговарате со луѓе, бидејќи целта е да се запре пренесувањето на капките кон нив и обратно.
5. Кога ќе ја извадите маската, извадете ја без да ја допрете (повторно, само фатете го ластикот) и веднаш измијте ги и дезинфицирајте ги рацете.
6. Фрлете ги маските за еднократна употреба веднаш, а измијте ги оние другите. Додека се мие таа маска, користете резервна.