Вкусовите се комбинираат со растворувачи во електронските цигари и произведуваат нови токсични хемикалии кои ги иритираат дишните патишта, предизвикувајќи реакции што можат да доведат до респираторни и кардиоваскуларни проблеми, според новата студија претставена на „виртуелниот“ меѓународен конгрес на Европското респираторно друштво.
Свен-Ерик Џорд, вонреден професор по анестезиологија, фармакологија и биологија на рак на Медицинскиот факултет „Универзитет Дјук“ (Северна Каролина, САД), на состанокот рече дека производителите посочуваат дека електронските цигари се безбедни затоа што испуштаат хемикалии кои се хемиски стабилни, пренесува Medical xpress .
“Нашиот коавтор и аналитички хемичар д-р Хано Еритропел и колегите од универзитетот Јеил откриле нови хемикалии во е-течностите и откриле дека тие се формираат кога производителите мешаат компоненти. Станавме загрижени за високото ниво на овие нови соединенија кои претходно не биле проучувани и решивме да ги имплементираме токсиколошки тестови “, рече професорот Џорд.
Во лабораториски експерименти, истражувачите проучувале што се случило кога клетките што ги покриваат бронхиите (главниот дишен пат од душникот до белите дробови) биле изложени на ароматични хемикалии, како што се ванилин и етил-ванилин, бензалдехид и цинамалдехид. Тие исто така го проучувале влијанието на новите хемикалии создадени како резултат на мешање на ароматични хемикалии со растворувачи пропилен гликол (PG) и растителен глицерин (VG), кои се главните растворувачи во течностите за електронска цигара.
“Бронхиите се изложени на пареа на електронска цигара кога корисникот ќе ги вдише во белите дробови. Забележавме дека новите хемикалии се повеќе токсични од сите нивни матични соединенија. Новите хемикалии добиени од бензалдехид и цинамалдехид се повеќе токсични од соединенијата добиени од ванилин”, рече професорот.
Новите хемикалии, исто така, активираа рецептори за сензорни стимули во нервните завршетоци на бронхиите наречени TRPV1 и TRPA1, кои се одговорни за голем број на воспалителни одговори.
Ова може да го зголеми срцевиот ритам, а кај предиспонираните луѓе може да доведе до неправилно чукање на срцето и висок крвен притисок. Покрај тоа, може да предизвика кашлање и отежнато дишење.
Истражувачите за прв пат покажаа дека дури и малата концентрација на новоформираните хемикалии предизвика смрт на клетките што се поставени во бронхиите.
„Ова е прва демонстрација дека овие нови хемикалии создадени во е-течности можат да ги оштетат и убијат белодробните клетки, и тие веројатно го прават тоа со оштетување на нивниот метаболизам“, рече Џорд.
Истражувачите велат дека резултатите ги изненадиле бидејќи тие очекувале овие ароматизирани течности во електронските цигари да бидат помалку токсични.
Џорд наведува дека производителите треба да ги наведат сите хемикалии што ги содржат електронските цигари.
“Нашите откритија сугерираат дека е-цигарите ослободуваат нестабилни хемиски смеси кои содржат широк спектар на хемиски производи со неочекувани токсиколошки својства. Откако ќе се утврдат нивоата на токсичност, регулаторите можат да го проценат нивото на ризик по здравјето на е-цигарите и да издадат препораки до производителите за да ги намалат концентрациите за да ги ублажат ризици за прифатливи нивоа “, заклучи Џорд.