
Научници откриле дека пациентите кои завршиле во болница поради Ковид-19 имале проблеми со отежнато дишење, кашлање и оштетување на белите дробови со недели по враќањето дома. Фактот дека коронавирусот влијае на здравјето на индивидуата дури и откако некое лице се справило со Ковид-19, се повеќе ја загрижува здравствената заедница. Дури и оние луѓе кои доживеале „благи“ симптоми тврдат дека тие симптоми ги следеле со недели, па дури и месеци откако го прележале Ковид. Истражувачи од Австрија објавија прелиминарни податоци од студија што го следеше закрепнувањето на пациентите хоспитализирани со тешки симптоми на Ковида-19.
Резултатите открија дека кај 88 проценти од пациентите, оштетувањето на белите дробови може да се забележи на КТ-скенови дури шест недели по излегувањето од болницата. Дамките забележани на белите дробови наликуваа на кршено стакло. Во исто време, 47 проценти од пациентите страдале од отежнато дишење, односно имале потешкотии во дишењето. По 12 недели, 56 проценти од пациентите имале оштетување на белите дробови, додека 39 проценти имале потешкотии при дишењето. „Луѓето кои го преживуваат Ковид со недели после тоа, имаат проблеми со белите дробови“, рече др. Сабине Саханиќ од Универзитетската болница во Инсбрук, член на истражувачки тим. Саханиќ, сепак, вели дека споменатите пациенти постепено се опоравуваат. „Со текот на времето може да се забележи умерено закрепнување“, додаде таа, нагласувајќи ја потребата да се организира придружна грижа за сите луѓе кои го прележуваат Ковид.
Научниот тим додаде дека е евидентно дека закрепнувањето од Ковид трае долго, но исто така и дека кај луѓето кои страдаат од тоа, лузните на белите дробови не се влошуваат со текот на времето. Резултатите од истражувањето ќе бидат презентирани на Меѓународниот конгрес на Европското здружение за дишење. Студијата го следела здравјето на 86 пациенти, од кои 18 биле на интензивна нега. Просечната возраст на учесниците во студијата била 61 година, а повеќе од 60 проценти биле мажи. Скоро 50 проценти од пациентите биле или пушачи или поранешни пушачи, а 65 проценти биле дебели или со прекумерна тежина. Студијата открива дека сите пациенти имале постојани здравствени проблеми, без оглед дали биле лекувани на интензивна нега или во нормални болнички услови. Одреден број на пациенти по 12 недели сè уште биле на 80 проценти од капацитетот на белите дробови. Истражувачите откриле и оштетување на срцето кај некои пациенти, но нивното здравје се подобрило по некое време.