Се очекува денеска извршниот одбор на ММФ да ја одобри исплатата на околу три милијарди евра помош за Грција, за да може на време да ги плати своите обврски кои доспеваат за наплата овој месец.
Тој износ е дел од пакетот помош од 110 милијарди евра кои минатата година ММФ и Европската унија ги одобрија на Грција.
Аналитичарите оценуваат дека на денешната одлука на извршниот одбор на ММФ значајно ќе влијае ризикот од ширењето на грчката должничка криза и опасност од банкрот на земјата.
Фондот предупреди дека грчката криза би можела да се прошири на земјите како САД по пат на пазарите на пари, посебно доколку бидат опфатени европските банки кои се силно изложени на грчките долгови.
ММФ закажал состанок заради расправа околу одобрување на петата транша помош на Грција, откако лидерите на евро зоната на втори јули постигнале договор околу исплатата на новиот дел од траншата вредна 12 милијарди евра.
До сега пакетот помош за Грција од 110 милијарди евра не успеал да ја врати довербата во економијата на таа земја, а во моментот се работи на осмислување нов пакет мерки кој би придонел за финансирање на потребите на официјална Атина до 2014 година.
Лидерите на ЕУ настојуваат тој план да ги вклучи и приватните кредитори, кои би требало доброволно да се согласат да купат нови грчки обврзници со долг рок на доспевање.
За да се обезбеди новата транша помош, грчкиот парламент на 29 јуни одобрил воведување на исклучително непопуларни мерки за штедење, кои би требало да ја подобрат ситуацијата во земјата.
Извор: Нетпресс