
Британската агенција за лекови и здравствени производи соопшти дека нема докази дека консумирањето алкохолни пијалоци влијае на ефективноста на вакцината за коронавирус, пишува Evening Standard.
Британскиот регулатор излезе со оваа најава откако на социјалните мрежи се проширија гласини дека две недели по вакцинацијата за коронавирус треба да се воздржува од алкохолни пијалоци.
„Ја советуваме секоја личност која е загрижена за консумирање алкохолни пијалоци да контактира со медицинско лице“ – рекоа кратко од Агенцијата
Во јануари годинава, организацијата Drinkaware, основана од компании кои се занимаваат со производство на алкохолни пијалоци, соопшти дека има некои докази дека пиењето алкохолни пијалоци, особено ако е прекумерно, може да влијае на способноста на организмот да создаде имунитет по инјектирање на вакцината.
Но, ниту британскиот национален здравствен систем ниту производителите на вакцини не објавија никакви информации што сугерираат дека постои врска помеѓу ефективноста на вакцините и потрошувачката на алкохол.