После нервниот слом кој го доживеа во 2008 година, судот одлучи дека не е во состојба сама да ги носи одлуките и дека во иднина одлуките за неа ќе ги носи нејзиниот татко, кој ќе биде нејзин старател.
Тринаесет години подоцна, таа првпат зборува пред судот и ја раскажува својата страна на приказната.
Бритни ѝ се обрати на судијката Бренда Пени преку видео-повик, кој траел 20 минути читајќи ги подготвените белешки, пренесува „Си-Ен-Ен“.
„Долго време не зборував на суд, затоа што последниот пат кога бев овде чувствував како никој да не ме слуша“, ја започнала својата исповед Бритни, опишувајќи ги деталите од старателството за кое вели дека се претворило во алат на опсесија и агресија.
Пејачката раскажала дека била присилувана да настапува, дека ѝ давале литиум со кој се третира шизофренија и биполарно пореметување, но и дека била присилена да користи контрацепција.
„Имам спирала за да не останам бремена. Сакав да ја извадам за да се обидам уште еднаш да забременам, но таканаречениот “тим“ не ми дозволи да одам на лекар, бидејќи не сакаат да имам деца“, вели Бритни.
Таа додава дека исто така не смее да се омажи и смета дека старателството е насилно. Пред судот потенцирала дека е истрауматизирана и дека после 13 година навистина ѝ е веќе доста.
„Само го сакам својот живот назад. Не сакам да бидам нечиј роб. Истрауматизирана сум. Не сум среќна. Не можам да спијам. Така сум бесна и плачам секој ден, депресивна сум. Ова старателство ми донесе повеќе зло отколку добро. Заслужувам да имам живот. Работев цел живот. Се чувствувам измамено, злоставувано, изолирано и осамено. Заслужувам еднакви права како и сите други“, вели Бритни во своето јавување, после кое преносот за јавност бил прекинат, а следното сослушување е закажано за 14 јули.
Судијката Бренда Пени пак додала дека ќе ѝ биде потребен формален документ во кој се бара прекинување на старателството, пред да може да преземе било каква акција. Воедно, ја пофалила Спирс што се одлучила да зборува:
„Знам дека Ви била потребна храброст. Сакам повторно да Ве пофалам затоа што направивте исчекор за да можеме да ги слушнеме вашите размислувања, не само јас, туку и сите кои учествувале во овој случај“.
За потсетување, овој случај дополнително ја заинтересира јавноста откако нејзините обожаватели ја покренаа кампањата #FreeBritney, со која сакаа да го свртат вниманието на тоа дека пејачката е практично затворена во својот дом. Кампањата вклучува и петиција со која се бара Спирс да се ослободи од старателството кое врз неа ја има нејзиниот татко, а поради кое таа не може да носи одлуки за се’ – својот живот, финансиите, здравјето…
Џејми Спирс го доби ова старателство после бричењето на главата и неколку други инциденти, после кои Спирс на два пати беше хоспитализирана. Тој тогаш побара привремено старателство. Година дена подоцна, успева да добие трајно решение, со образложение дека Бритни има и деменција во ран стадиум. Тоа значи дека без разлика што пејачката до сега заработила стотици милиони долари, таа не може да управува со нив, но не смее ни со автомобилот. Не смее да одлучува за својата кариера, да се омажи, да има деца, да гласа, да ангажира адвокат, да дава интервјуа итн…
Кампањата која обожавателите ја започнаа, вроди со плод. Во 2020 година започна сослушувањето, после што почна повторно да се разгледува одлуката за старателството. До тогаш, Спирс чие богатство се проценува на 250 милиони долари, е жена на која татко ѝ ѝ дава „џепарлак“ од 1.500 долари неделно за основни животни потреби, а најголемиот дел од своето време го поминува затворена во домот.
Минатата година во август, „Индепендет“ објави дека нејзините адвокати ги предале документите на судот во Лос Анџелес во кои имаат и изјава од пејачката дека таа се противи на одлуката татко ѝ да биде нејзин старател. Наводно, тогаш изјавила дека би сакала старател да ѝ биде Џоди Монтгомери, нејзината менаџерка која ѝ била привремен старател кога татко ѝ поради болест на кратко морал да отстапи од оваа функција.
После сослушувањето, магазинот „Варајати“ успеа да дојде до документот во кој стои одлуката на судот во Лос Анџелес дека и покрај напорите на пејачката и нејзиниот адвокатски тим, старателството да биде продолжено макар до 1 февруари 2021 година. Како пренесуваат, на сослушувањето биле присутни двајцата родители на пејачката и четири адвокати, но за медиумите влезот бил забранет.
Во меѓувреме, во јавноста беше пуштен документарниот филм на „Њујорк Тајмс“, „Framing Britney Spears“, кој дополнително го шокираше светот, а пејачката кажа дека е поласкана од интересот на јавноста, но дека не може да сфати како документарите филмови ги напаѓаат медиумите кои не ја оставале на мир, а сега тие го прават истото. Таа додаде дека нејзиниот живот и покрај бројните негативни случувања, и понатаму е одбележан со убавите и позитивни работи и дека не гледа поента постојано да се потсеќа на најлошите денови кои ги проживеала.
Но, интересот на јавноста не се намали, а медиумите продолжија да истражуваат и понатаму. Така, „Њујорк Тајмс“ во понеделникот објави приказна во која велат дека успеале да дојдат до доверливи судски документи кои откриле дека пејачката се бори за својата слобода уште од 2014 година. Во тие документи Спирс навела дека е натерана на престој во ментална институција, но и на концерти против нејзина волја.
Голем број личности ја поддржаа, меѓу кои и Џастин Тимберлејк, кој порача дека никој никогаш не треба да биде третиран на начин на кој Бритни го преживува тоа.