Еден од три лица заразени со вирусот корона ќе има барем еден симптом на долгорочен ковид, три до шест месеци по инфекцијата, според новата студија на Универзитетот во Оксфорд и Британскиот национален институт за здравствени истражувања (НИХР).
Истражувачите сега „фрлија нова светлина“ на обемот на проблемот откако проучија повеќе од 270.000 луѓе кои се опоравиле од коронавирусот во Соединетите држави, пишува британскиот весник „Гардијан“, а пренесува Танјуг.
Откриле дека 37 проценти од пациентите имале барем еден продолжен симптом на ковид-19 дијагностициран три до шест месеци по инфекцијата.
Најчестите симптоми беа проблеми со дишењето, стомачни симптоми, замор, болка и вознемиреност или депресија.
„Резултатите од студијата потврдуваат дека значителен процент од луѓе, од сите возрасти, можат да бидат погодени од голем број симптоми и тешкотии во шест месеци по инфекцијата со Ковид-19“, рече д-р Мак Такет, академски клинички соработник на НИХР.
Сериозноста на инфекцијата, возраста и полот влијаеле на веројатноста за продолжени симптоми на ковид, според податоците од американската електронска мрежа за здравствени податоци TriNetX.
Продолжените симптоми на ковид беа почести кај оние кои беа хоспитализирани, а исто така и нешто почести кај жените, според една студија објавена во списанието PLOS Medicine.
Различни фактори, исто така, влијаеле на тоа кој од симптомите луѓето најверојатно ќе ги доживеат.
На пример, постарите мажи и жени имаа потешкотии при дишењето и когнитивни проблеми, додека помладите мажи и жени имаа повеќе главоболки, стомачни симптоми и вознемиреност или депресија.