„Не се сметам себеси за особено етичка личност, но јас сум фер“, злокобно вели Лејди Гага како Патриција Реџиани на почетокот на трејлерот за филмот што едвај го чекаме.
Од почетокот на снимањето во Италија, кога можевме да доловиме дел од атмосферата на филмот „House of Gucci“ благодарение на костимите и фризурите, па се до вториот досега објавен трејлер, возбудата околу блокбастерот што ги обедини криминалот, модата и звучните имиња од светот на филмот не стивнува.
Филмот за семејството Гучи и убиството на Маурицио Гучи нарачано од неговата поранешна сопруга Патриција Реџиани е необичен начин да се одбележи стогодишнината на овој луксузен бренд, но не може да се негира дека привлече големо внимание. Со Адам Драјвер и Лејди Гага во насловните улоги и Ал Пачино, Салма Хајек, Џереми Ајронс и Џаред Лето и под режисерската палка на Ридли Скот, филмот е загарантиран успех. А дека се работи за навистина возбудливо дело најавува вториот трејлер на филмот кој во кината треба да почне да се прикажува од американскиот Ден на благодарноста на 25 ноември.