Тешко е да се замисли некоја празнична трпеза без оваа салата, а многумина не знаат дека таа носи една тајна
Слава, Нова година, Божиќ, а често и Велигден се празници кои се речиси незамисливи без руската салата како главен „украс“ на секоја празнична трпеза на нашите простори.
Веројатно домаќинките се убедени дека нивниот рецепт за оваа салата е исправен, но многумина, особено помладите, не знаат дека постои мала кулинарска тајна што ја прави оваа салата оригинална.
Повеќето од денешните домаќинки за неа користат шунка, а постарите и поискусните знаат дека нема добра и вистинска руска салата без пилешко бело месо. Уште еден трик при подготовката на ова јадење е да не користите готов, замрзнат зеленчук доколку сакате вкусна и добра салата, бидејќи при готвењето впива многу вода, па салатата ќе биде прилично „водеста“. Исечете свеж зеленчук, компир, морков и грашок кои можете да ги користите замрзнати, само доколку немате свежи.
За оваа салата можете да користите купечки мајонез, но дефинитивно најдобро е кога ќе ја подготвите со оној што сами сте го направиле.
Состојки:
400 гр пилешки гради
4 јајца
200 гр грашок
3 поголеми моркови
4 поголеми компири
10 кисели краставици или мала тегла корнишони
400 гр мајонез
100 гр шунка (по желба)
сол по вкус
Состојки за домашен мајонез:
1 јајце
1 лажица оцет
1 лажица сенф
500 мл масло
Подготовка:
Излупете ги и сварете ги морковите и компирите, како и белото месо и грашокот. Сварете ги јајцата. Зеленчукот исцедете го од вишокот вода, а потоа ситно исечкајте ги морковите и компирите. Белото месо исечкајте го на помали парчиња.
Киселите краставици исто така исечкајте ги на ситни коцки, како и јајцата. Измешајте сè во длабок сад и посолете по вкус. По желба додадете 100 гр шунка исечкана на коцки.
Доколку правите домашен мајонез, со миксер изматете го јајцето, додајте оцет, сенф и постепено додавајте го маслото и мешајте додека не добиете компактна смеса.
Во зеленчукот и месото сипете мајонез и сè убаво измешајте да се соедини убаво. Оставете во фрижидер добро да се излади и вашата салата е подготвена за послужување.