„Десната рака на принцот Чарлс, Мајкл Фосет (59), во средата поднесе оставка поради истрагата наречена „пари за почест“.
Фосет ја напушти функцијата извршен директор на Фондацијата на принцот, а неговите пријатели, според Дејли мејл, велат дека тој е скршен поради овие настани. Сето ова се должи на информациите дека Мајкл му понудил на саудискиот милијардер да направи донација во добротворната организација на Чарлс во замена за витештво и британско државјанство.
Дејли Мејл пишува дека Фосет, кој требаше да стане еден од најмоќните и највлијателните луѓе во владеењето на идниот крал, не се ни обидува да спречи официјална владина истрага за овие скандалозни тврдења. „Мајкл поднесе оставка и нема да се врати. Ослабе и е сенка на своето поранешно јас“, велат неговите пријатели.
„Мајкл Фосет поднесе оставка како директор на фондацијата“, потврди портпаролот на принцот. Тој додаде дека Чарлс ги прекинал сите контакти со својот некогаш доверлив соработник кој му бил незаменлив речиси четири децении и не можел да живее без него.
Контроверзноста околу Фосет се појави и претходно кога во јавноста се појави дека тој го малтретира персоналот и продавал несакани кралски подароци. Двата пати бил вратен на старата работа и подоцна награден со профитабилен договор од принцот да ги организира повеќето негови официјални и приватни забави.
Инаку, неодамна се појавија прашања за тоа дека во 2016 година саудискиот милијардер Махфуз Мареи Мубарак го доби Орденот на Британската империја, односно витешки одликување од Чарлс. Махфуз донираше 1,5 милиони фунти, а сумата најмногу ја потроши за обнова на имотите на принцот во Шкотска. Милијардерот негира дека направил нешто погрешно.
Се појави и писмо напишано од Фосет до Махфуз 2017. „Во светлината на настаните и неодамнешната великодушност на Неговата Екселенција Мубарак, среќен сум што можам да ви потврдам во доверба дека сме подготвени и среќни да ја поддржиме и да придонесеме за вашата апликација за државјанство“. тој напиша.
Пријателите на Мајкл велат дека и покрај неговите многубројни „погрешни чекори“ низ годините, тој бил „лојален и верен слуга“ на принцот и одиграл клучна улога во неговите филантропски активности и му помагал да собира повеќе од 120 милиони фунти секоја година за добротворни цели. Дел од кралскиот персонал се прашува како Чарлс ќе се снајде без својот близок соработник и ќе ја продолжи работата на својата фондација.