Експертите ги нарекоа алергиите водечки болести на 21от век, а за некои не би ни помислиле дека се можни. Дознајте кои се симптомите на „интолеранција“ на студ и во кој случај е крајно опасно!
Алерголозите укажуваат на болест која во последните години е се позастапена низ светот, а е многу необична. Тоа е алергија на ладно, дијагноза за која многумина не ни знаат дека постои.
„Дури и во Африка луѓето страдаат од ладна уртикарија, осип на кожата во вид на плускавци со различна големина. Оваа состојба се јавува кога човек е изложен на ниска температура или во контакт со ладен предмет, па телото реагира и ги манифестира овие симптоми. Алергиите на ладно се почести во зима, но се присутни и во лето. Ретки манифестации на оваа состојба се дерматитис или течење на носот“, објасни Наталија Малчева, специјалист од Градскиот центар за алергологија и имунологија на Градската клиничка болница во Москва.
Дерматовенерологот Гилјана Сангаџиева објасни зошто воопшто се јавува оваа состојба. Понекогаш причината е генетска предиспозиција, а може да биде и последица на некои претходни болести како сифилис, мононуклеоза или заболување на црниот дроб.
Оваа реакција може да се појави не само поради драстична промена на надворешната температура, туку и при капење во ладен базен, па дури и во случај на наизменично туширање со топла и ладна вода.
Во некои случаи, алергијата на ладно може да биде многу опасна. Поради зголемената чувствителност на телото, може да дојде до анафилакса доколку лицето повторно биде изложено на ниски температури. Потоа се манифестира со остра болка, оток, драстичен пад на крвниот притисок. Ризикот од смрт во случај на анафилакса е од 10 до 20 проценти.
За луѓето кои не страдаат од оваа болест, студениот воздух всушност може да биде многу корисен за здравјето. Помага во забрзување на метаболизмот, зајакнување на нервниот систем, намалување на интоксикацијата и забавување на пулсот. Всушност, терапијата со ладен воздух се користи и во третманот на белодробна и остеоартикуларна туберкулоза.