Американската писателка Џоан Дидион, чии есеи, мемоари, романи и сценарија беа хроника на современото американско општество, почина на 88-годишна возраст, објави Њујорк Тајмс, пренесува Танјуг.
Причината за смртта е Паркинсонова болест, наведува весникот, повикувајќи се на електронската пошта на издавачката куќа.
Дидион стана познатa во доцните 1960-ти како еден од раните претставници на таканареченото „ново новинарство“, што им овозможи на авторите да заземат повеќе лична перспектива во нивните текстови, објави Гласот на Америка.
Делата на Џоан Дидион се искрени, проникливи, полни со скептицизам и незадоволство. Лос Анџелес Тајмс ја пофали како „стилистка без конкуренција“.
Меѓу делата на Џоан Дидион се и романот „Книга за заеднички молитви“ и книгите „Мајами“ и „Ел Салвадор“.
Во 2013 година, претседателот Барак Обама ѝ го додели Националниот медал за уметност.