Кога ќе кажеме „Новогодишни и Божиќни празници“, повеќето од нас веднаш помислуваат на сета таа вкусна храна, солена и слатка, во која уживаме речиси еден месец.
Сепак, и во овој период, колку и да ни звучи недостижно, експертите советуваат да ја земеме предвид количината на храна која ја внесуваме во текот на денот, но и самите калории.
А шеќерот, како што знаеме, игра голема улога во акумулацијата на калориите. И во овој случај, не се работи само за намалување на калориите и спречување на зголемување на телесната тежина. Рафинираниот шеќер има лош ефект врз целокупното здравје на нашето тело.
Сепак, тоа не значи дека не можеме да уживаме во слатките, туку на поздрав начин. А како, ви откриваме во продолжението.
Торти, колачи, бисквити и десерти
Секако, овие деликатеси се составен дел од празничната трпеза, но сите тие десерти се полни со шеќер. За почеток, кога ги подготвувате овие слатки, можете да ја преполовите количината на шеќер од рецептот. И никој нема да забележи, освен вие.
Покрај тоа, наместо рафиниран шеќер, можете да користите кокосов шеќер, урми, мед или стевиа.
Овесна каша или смути
Рафинираниот шеќер е составен дел од купените овесни снегулки и смути. Затоа, совет е да ги направите сами, а за сладок вкус наместо шеќер користете мед или јаворов сируп. Така ќе ја задоволите вашата глад за слатки, ќе спречите паѓање на шеќерот во текот на денот и напади на глад.
Празнични пијалоци
Топло чоколадо, пунчови, грени вина… пијалоците кои се составен дел од празникот често содржат многу шеќер. Сепак, можете да го намалите количеството на шеќер (и калории) со користење на замени како што се стевиа за пунч или мед за топло чоколадо или греано вино. Со сето тоа вкусот ќе биде побогат!
Кафе
Големи се шансите за време на подготовката на храната за празниците да испиете неколку шолји кафе повеќе, за енергија. Сепак, потрудете се да не пиете засладено кафе, бидејќи тоа влијае на скокот на шеќерот во крвта, и на наглото опаѓање, што предизвикува раздразливост и главоболки.
Маринади и преливи
Во салати и печења обично ставаме маринади и преливи кои содржат шеќер. Наместо рафиниран засладувач, пробајте мед или јаворов сируп.
Грицки
Купечките грицки се полни со адитиви, сол и шеќер. Изберете поздрави видови како домашни пуканки, печена пченка или наут.