Доброто плачење со тажна песна понекогаш е токму она што ни треба. Има песни на кои солзите сами течат, песни кои пукаат од емоции и на кои никој не може да остане рамнодушен. Вакви песни се и на листата на најубави тажни песни кои излегоа во 2021 година, а која ја освои познатата британска музичарка.
Меланхоличната поп балада „Easy On Me“ објавена на 15 октомври 2021 година, го одбележа враќањето на пејачката Адел по речиси пет години пауза во дискографијата. Прекрасната песна што ја допира душата беше првиот сингл од четвртиот студиски албум на Адел наречен 30, снимен под продукциската палка на американскиот музички продуцент Грег Курстин, кој заедно со Адел ја напиша „Easy On Me“.
Адел ја посвети песната на својот деветгодишен син Анџел, а стиховите во кои пејачката ги опишува нејзините внатрешни борби околу разводот преку чувства на носталгија, жалење и простување, го претставуваат барањето на Адел до нејзиниот син да биде благ кон неа. „Easy On Me“ го достигна врвот на музичките топ листи во 27 земји, вклучувајќи ги Велика Британија и САД. Освен на публиката, таа им се допадна и на музичките критичари, кои ги пофалија трогателните текстови и емотивниот вокал на Адел.
Музичкото видео е снимено во Квебек, Канада и е продолжение на спотот за песната „Hello“ од 2015 година, во кој Адел влегува во куќа полна со спомени подготвена за продажба. Во спотот за „Easy On Me“, Адел ја напушта куќата и си заминува со камион, додека еден куп музички ноти го исполнуваат патот – совршен визуелен приказ на песната за која најмногу плачевме во 2021 година.