Лекот се базира на молнупиравир.
Министерството за здравство на Русија регистрираше уште еден лек против ковид-19 базиран на молнупиравир наречен „ковипир“.
Според руските медиуми, потврдата за регистрација на лекот ќе важи до 1-ви јануари 2023 година.
„Ковипир“ е контраиндициран во случај на преосетливост на молнупиравир или која било друга компонента на лекот, за деца под 18 години и за бремени жени.
Антивирусниот лек „молнупиравир“ е во форма на капсули со јачина од 200 милиграми и се зема на 12 часа во текот на пет дена. Овој лек од новата генерација го инхибира размножувањето на одредени РНК вируси, вклучувајќи го и САРС-КоВ-2, кој предизвикува ковид-19.
Наменет е за третман на пациенти во рана фаза на болеста на кои не им е потребна терапија со кислород, а се изложени на ризик од развој на тешки форми на Ковид-19. Оваа група вклучува луѓе на возраст над 60 години, дебели луѓе, дијабетичари, пациенти со хронично опструктивно заболување, хронични бубрежни болести или активни малигни заболувања.
Ефектот е најдобар кога пациентот го зема лекот во првите пет дена од болеста, а според производителите „молнупиравир“ го намалува ризикот од компликации и смрт.
Пред неколку дена, Министерството за здравство на Русија ја регистрираше првата назална вакцина против корона вирусот. Се состои од две дози и се применува во интервал од три недели, а може да ја користат и лица постари од 18 години. Директорот на Центарот „Гамалеја“, Александар Гинзбург, претходно изјави дека носната вакцина против корона вирусот се покажала како ефикасна против сојот омикрон.