
Чувајте ги кремите и лосионите во фрижидер, спијте на свилена постелнина и избегнувајте метален накит. Доколку немате клима, ставете влажна крпа на вратот, колената или стапалата …
Не е лесно да се разладите за време на топлите летни денови и големите горештини. Во нормални услови, телото се лади со потење, но ако влажноста е многу висока, тогаш потењето не е доволно. Во вакви услови помагаат разни трикови, а ние ви нудиме некои од нив.
Свилена постелнина
Во лето, најдобро е да спиете на свилена постелнина која ѝ овозможува на кожата да дише, а бидејќи има природни антиалергиски својства, таа е одличен избор за секој кој има проблеми со топлински осип. Доколку имате таков избор, се препорачува да спиете на приземје бидејќи топлиот воздух се крева, додека студениот останува на земја.
Ладно на подлактиците
Студената вода на внатрешната страна на подлактицата веднаш ќе го олади телото, а свежината ќе трае најмалку еден час. Во летните денови помага и влажната крпа изладена во фрижидер. Доволно е да ја ставите на критичните точки како што се вратот, колената и стапалата.
Без метален накит
Во текот на летото модните детали треба да се избираат внимателно. Металните нараквици и ланчиња лесно се загреваат, а потоа телото ја впива таа топлина и тешко се лади.
Вклучете зачини
Иако не изгледа така, консумирањето зачинета храна всушност ве разладува. Така, чили пиперките и ѓумбирот го поттикнуваат потењето, а како што потта испарува телото се лади. Исто така, во лето се препорачува да се јадат неколку помали оброци дневно бидејќи прејадувањето го поттикнува затоплувањето на телото.
Вентилатор и вода
Вентилаторот помага при ладењето, но многу е важно да го поставите на вистинското место. Се разбира, под услов да немате клима. Најдобро е да го ставите на подот, да го завртите и пред него да ставите сад со ладна вода, што ќе го забрза процесот на ладење.
Кремите во фрижидер
Кремите и лосионите за тело треба да се чуваат во фрижидер. Изладената текстура благотворно делува на кожата и моментално лади, а најдобро е да ги нанесете веднаш по туширањето.
Сладолед или јогурт
Иако сладоледот е деликатес поврзан со летото, истиот ефект го има и во јогуртот. Содржи 85% вода и моментално го лади телото, а ќе ви помогне доколку додадете и овошје кое содржи и висок процент на вода.