Виткање на дршките во фолија, како и чување во фрижидер, може да ја продолжи свежината на вашите банани
Општо познато е дека бананите се многу здрави, се разбира доколку се консумираат умерено како и се друго. Тие се одличен извор на калиум и имаат многу антиоксиданси, а можат да бидат дел и од разни десерти, како смути и палачинки.
Меѓутоа, за да не почнат брзо да скапуваат, бананите треба да се чуваат на одреден начин, а порталот Reader’s Digest нуди неколку совети за како да го направите тоа.
Првиот трик е да го завиткате стебленцето во пластична фолија. Завиткајте ја фолијата околу дршката која ги држи бананите, така што фолијата ќе ја поминете помеѓу бананите и околу стебленцата – за да биде што подобро завиткана.
Уште еден метод е замрзнувањето. Не само што ќе го спречи нивното гниење, туку и идната употреба ќе биде многу полесна. Излупете ги, исечете ги на прстени, цврсто затворете ги во сад или пластична кеса и замрзнете ги. Ваквите банани подоцна можете да ги користите за подготовка на десерти и смути.
Ако навистина не сакате да ги замрзнете, можете само да ги ставите во фрижидер – без лупење и сечење.
Дали сте забележале дека во некои продавници бананите често се закачуваат на врвка? Ова е тајната на нивното бавно гниење и најдобриот начин на зачувување! Се берат додека се уште зелени, а почнуваат да созреваат веднаш штом се наберат, бидејќи доаѓа до ослободување на етилен, природен гас кој го забрзува зреењето. Кога се обесени на кука или јаже, процесот на зреење се забавува. Исто така, на овој начин ги заштитувате и останатите овошја за етиленот од бананите да не го забрза нивното расипување.