Недоаѓањето во контакт со вируси го прави имунолошкиот систем помалку способен да се заштити од инфекции
Летово е евидентиран зголемен број на заболени од настинки и стомачни вируси кои вообичаено ги има во зимските месеци, пренесува „Дејли мејл“.
Она што е уште понеобично е што ова лето е многу топло, а отсекогаш се зборувало дека инфекциите многу потешко се шират во лето бидејќи сончевата светлина ги убива патогените додека тие се шират низ воздухот или се задржуваат на површините.
Па, и покрај ова, инфекциите се шират летово и се чини дека болестите се потешки од вообичаеното.
Експертите сметаат дека недоволното мешање со други луѓе поради пандемијата на корона вирусот е главната причина за појавата на вирусот во текот на летните месеци.
Додаваат дека нема знаци дека меѓу луѓето циркулираат повеќе вируси отколку што е нормално, само дека многу поголем број луѓе се разболуваат.
Иако се трудевме да не дојдеме во контакт со Ковид-19 за време на борбата против пандемијата на корона вирусот, ја намаливме и можноста за заразување со вообичаени сезонски болести.
Професорот Пол Хантер, експерт за заразни болести, вели дека имунолошкиот систем мора редовно да се бори против инфекциите за да остане силен.
Сепак, неколку месеци без да се разболат може да ги направат луѓето поранливи од вообичаено, па оттука и бурните реакции на телото на благи инфекции.
– Тежината на инфекцијата е помала кога две инфекции се поблиску една до друга – објасни тој.
Редовното изложување на патогени го стимулира имунолошкиот систем да реагира и тогаш луѓето стануваат помалку болни.
Недоаѓањето во контакт со вируси го прави имунолошкиот систем помалку способен да се заштити од инфекции.
Пред пандемијата, луѓето редовно беа изложени на вируси. Нормално е возрасен да настинува два до четири пати годишно, додека децата можат и до 12 пати.
Сепак, од март 2020 година, луѓето значително ги намалија интеракциите со другите поради пандемијата и го зголемија нивото на хигиена на рацете.
– Овие чекори го намалија ширењето на многу други заразни болести – објасни молекуларниот биолог професор Ендрју Истон.
Токму затоа луѓето се поподложни на инфекции кога ќе дојдат во контакт со патогени, бидејќи имунолошкиот одговор на нив е ослабен.
– Сега вообичаените обрасци на болеста се појавуваат во различни периоди бидејќи социјалните интеракции се враќаат на нормите пред пандемијата – објасни Истон.