Одењето во кревет со чорапи за некои е сосема нормално, додека за други оваа навика е чудна
Кога станува збор за спиење, повеќето луѓе имаат воспоставено рутини кои ги водат. Помеѓу специфичностите, има и една која обично ги дели луѓето на за и против – спиењето со чорапи. Значи, дали ова има некакви придобивки или е само навика.
Сепак, се чини дека придобивките постојат.
– Има многу придобивки од носењето чорапи додека спиете. Чорапите можат да ви помогнат да заспиете побрзо и да спиете подолго поради процесот наречен дистална вазодилатација – објасни Мар Де Карло, автор и основач на Меѓународниот институт за родителство и здравје на Здружението на професионални консултанти за спиење, пренесува „Huffpost“.
Промените во температурата на кожата може да влијаат на способноста за започнување и одржување на спиењето, покажа студија од 2007 година.
Се покажало дека носењето чорапи во креветот ја зголемува циркулацијата и протокот на крв во стапалата. Ова може да помогне да се намали телесната температура, сигнализирајќи му на мозокот дека е време за спиење.
Други студии дополнително ја потврдуваат поентата. Едно истражување кое опфатило мал број испитаници покажало дека младите мажи кои носеле чорапи заспале 7,5 минути побрзо, спиеле 32 минути подолго и се буделе 7,5 пати поретко од оние кои не носеле чорапи.
Концептот на чорапи во кревет се чини дека е поврзан со деноноќниот ритам – внатрешните часовници кои управуваат со нашите функции врз основа на 24-часовен ден.
– Пониските температури на телото обично ѝ претходат на поспаноста, а доказите сугерираат дека користењето чорапи или други методи за загревање на стапалата може да ја намали телесната температура и да ви помогне да заспиете побрзо – истакнува експертот.