Сезоната на одмори, топли денови и интензивно изложување на сонце е на самиот крај. Негата на кожата по летната сезона, без разлика дали е професионална или домашна, треба да се заснова на санирање на оштетувањата предизвикани на кожата од изложување на надворешни фактори.
За да се обнови кожата по изложување на сонце, потребно е правилно да се грижите за лицето и телото, а на прашањето „како“, одговара козметичката техничарка Милјана Спаиќ.
Taa се осврна и на важноста на негата на кожата во текот на летните месеци, која подоцна го олеснува целиот процес на обновување.
– Кожата памти и грижата за неа секој ден е многу важна, особено во лето. Кога е почесто изложена на сонце, кожата бара посебна нега. Избегнувањето на грижата во лето може да доведе до неповратни последици. Колку што е важно правилно да се користи соодветен заштитен фактор, толку е и негата на кожата после сончање.
Како што вели, сè заедно е пресудно за изедначено убав тен и здрава кожа.
– Долготрајната изложеност на сонце, сол и хлор предизвикува кожата да потемнува, да изгледа исушено, да се лушпи и многу често се појавуваат темни дамки. Може да се појават нови брчки, а веќе стекнатите да станат позабележителни. Ваквите промени се резултат на штетното влијание на сончевите зраци кои ја оштетуваат ДНК на кожата. Загрозени се виталните функции на клетката, што го намалува производството на колаген и еластин во кожата – детално објаснува нашиот соговорник.
Како што вели, имајќи предвид дека оштетените клетки тешко се регенерираат, на кожата по сончањето и е потребна дополнителна нега, која вклучува враќање на балансот на влага и маснотии во кожата и лекување на настанатите промени и оштетувања.
– Најпрво би препорачала пилинг на цело тело и лице со што ќе се отстранат мртвите клетки од површината на кожата, а потоа и интензивна хидратација после секое туширање. Изберете млеко или лосион за тело со витамин Е, уреа, шеа путер, пантенол. Најважно во негата на кожата е континуитетот.
Што се однесува до кожата на лицето, важно е соодветно да се исчисти за лицето да биде подготвено за понатамошна нега. По пилинг, тонирајте го лицето, а потоа нанесете серум; изберете ја соодветната крема според типот и состојбата на кожата, не заборавајте ја областа околу очите и направете го заштитниот фактор задолжителен последен чекор од вашата рутина – заклучува козметичката техничарка Милјана Спаиќ.