Касандра Бенксон, девојката што зборува на оваа тема, има попријатен термин за анти-ејџинг: грациозно стареење, само побавно.
Во видеото, ги истакнува навиките што прават „да старееме грациозно, ама побрзо“, и се работи за проблематично однесување за кое некогаш не сме свесни, но ако го искорениме, таа грациозност што нѐ чека сите ќе дојде малку подоцна во животот.
На пример, дали спиете со лицето напикано во перница? Штета, ќе треба да го смените тоа, затоа што има истражувања што покажуваат дека тоа прави кожата да побрза во тој еден правец што го има. Триење и малтретирање на лицето при чистење е штетно, но во споредба со тие неколку минути што ги поминуваме на чистење, на спиење (во идеални услови) поминуваме над 6 часа, секоја ноќ, што значи, „штетните“ положби ни се редовни и неумоливи.
Понатаму, по којзнае кој пат, но секогаш вредно за повторување – добриот сон и доволниот број на часови поминати во спиење се клучни – така што, доколку уште не ви е штиклирано ова, можеби е време да се фокусирате на движење натаму.
Во однос на исхраната, важи девизата – ако е здраво за телото, тогаш е здраво и за кожата. Здравата исхрана влијае на сите процеси во телото, па според тоа и на хормоните и на кожата. Не дека треба да се фрлиме на аскетски живот – не демонизирајте шеќери, јагленхидрати, масти – сето тоа му е потребно на телото, нормално – во баланс.
Следно, ултра-битно: заштита од сонце. Овде упорно правиме грешки – производи со УВ заштита користиме само за на плажа, или ако сме малку поупатени – само кога излегуваме надвор. А всушност, треба да се користат, секој ден, дури и кога сме дома.
Веројатно ја имате чуено или прочитано изјавата: рацете и вратот први покажуваат знаци на стареење. За ова има многу просто објаснување – не ги штитиме колку лицето. Не им ја посветуваме истата нега и не ги штитиме од сонце. Ако сакаме да го забавиме процесот на стареење и „првите знаци“, и рацете и вратот треба да влезат во комбинација за нега.
Детали за сѐ горенаведено има внатре, заедно со финиот заклучок дека стареењето не мора да биде страшно – напротив – ситните линии и малите брчки покажуваат дека сме живи: