
Смелите комбинации не се ништо ново за Кери Бредшо (Сара Џесика Паркер), напротив, тие се нејзин заштитен знак. Само треба да се потсетиме на oversized машките кошули, птичји пердуви на главата и сите тие слоеви и слоеви од тул.
Екипата на серијата „And Just Like That“ моментално ја снима втората сезона, а судејќи по првите фотографии од снимањето, Кери останува доследна на својот модерен и екстравагантен стил.

Сара Џесика Паркер на Инстаграм сподели фотографија од зад сцената со опис „улиците на Њујорк“ и ни овозможи да ѕирнеме во уште една модна комбинација за која ќе се зборува. Заедно со карго фармерките (тренд 2 во 1 за оваа есен), целото внимание го привлекоа необичните додатоци – 3Д чанта во облик на гулаб дизајнирана од Џ.В. Андерсон, како и чантата Fendi која ја стави на глуждот. Токму така, ликот на Кери Бредшо отсекогаш бил чекор понапред од нејзиното време кога станува збор за модата.

Тука е и Шарлот во целосно црн комплет со бели детали и розова чанта. Втората сезона на „And Just Like That“ ќе излезе следната година, но точниот датум се уште не е познат.