Карамелизираниот кромид е одличен додаток на секое јадење. Одлично ќе оди со печено месо, компири, тестенини, а можете да го ставите и во сендвич помеѓу две кришки леб.
Ако не ви се стои еден час покрај шпоретот полека да го карамелизирате во тава, одлични резултати можете да постигнете и во рерната.
За овој рецепт најдобро би било да користите жолт кромид или сребреница. Исечете го на четвртинки, испечете го со суво црвено вино како пино ноар, мерло или зинфандел, а потоа уживајте во вкусовите.
Состојки за печен кромид:
900 гр кромид исечен на четвртинки
125 мл црвено вино
3 супени лажици маслиново масло
1 лажица шеќер
½ лажичка сол
Подготовка на печен кромид:
Загрејте ја рерната на 220 степени Целзиусови.
Кромидот исчистете го и исечете го на четвртинки. Распоредете го на плех за печење.
Во тенџере измешајте вино, маслиново масло, сол и шеќер. Истурете ја смесата врз кромидот.
Покријте го плехот со алуминиумска фолија и ставете го во загреана рерна 30 минути.
Потоа извадете ја фолијата, измешајте го кромидот и печете уште 30 минути додека да омекне и да се карамелизира. Добар апетит!