Една нова студија покажува дека будењето порано и 15 часовната активност влијае на квалитетот на животот кај постарите
„Кој рано рани, две среќи граби“ е стара поговорка која се однесува на оние кои претпочитаат да стануваат рано за да се справат со своите обврски.
Но, дополнителните придобивки од овој пристап може да ги поттикнат ноќните бувови да ги преиспитаат своите лични преференции. Според новата студија објавена во „JAMA Psychiatry“, спроведена од истражувачи од Универзитетот во Питсбург, раното будење – и останување активни во текот на денот – може да ја подобри вашата ментална состојба, здравје и севкупна продуктивност, особено ако сте постара личност.
– Има нешто во тоа да започнете рано, да останете активни цел ден и да ја следите истата рутина секој ден. Се чини дека ги штити постарите лица – вели д-р Стивен Смагула, водечки автор на студијата и доцент по психијатрија и епидемиологија на Универзитетот во Питсбург и додава: – Она што е возбудливо за овие наоди е тоа што шемите на активност забележани беа доброволни, што значи дека намерните промени во дневните рутини можат да го подобрат здравјето и благосостојбата на секој што ги прави.
Откако една недела проучувал 1.800 возрасни лица на возраст над 65 години – и го следел нивното движење со фитнес часовници и ги анализирал нивните прашалници поврзани со когнитивните способности – тимот открил дека скоро 38 проценти од учесниците се разбудиле рано и продолжиле да се движат.
– Повеќето постари луѓе имаа фиксни обрасци – стануваат во просек пред седум часот наутро и продолжуваат понатаму, така што остануваат активни околу 15 часа секој ден. Тие, исто така, имаат тенденција да ја следат истата шема од ден на ден – забележува Смагула: – И ете, истите овие возрасни лица беа посреќни, помалку депресивни и имаа подобра когнитивна функција од другите учесници.
Иако 32,6 проценти од учесниците во студијата одржувале редовна рутина, тие биле активни само 13,4 часа секој ден – резултат на тоа што се буделе подоцна или биле помалку активни навечер. Истражувачите забележале дека тоа ги навело да имаат повеќе депресивни симптоми и пониски когнитивни резултати од оние кои се разбудиле околу седум наутро.
Конечните 29,8 проценти од волонтерите биле неконзистентни со нивната дневна рутина, што довело до дополнително опаѓање на менталното здравје и когнитивните способности.
– Нашите наоди сугерираат дека нарушувањето на шемата на активност е многу честа појава и поврзана со здравствени проблеми кај постарите лица – истакнува Смагула и заклучува: – Односот е веројатно двонасочен, па добрата вест е што мислиме дека едноставни промени – работи што секој може да ги проба – може да ги вратат редовните шеми на активност и дека тоа може да го подобри здравјето.