Авторите на студија од Универзитетскиот колеџ во Лондон ги анализирале ефектите од времетраењето на спиењето врз здравјето на речиси 8.000 Британци вработени во јавните служби на возраст од 50, 60 и 70 години во период од 25 години.
Учесниците во студијата одговориле на прашањето „колку часови во просек спијат во текот на работната недела“ и дали им била дијагностицирана некоја од хроничните болести како што се рак, дијабетес или срцеви заболувања.
Врз основа на собраните податоци, научниците откриле дека луѓето кои спиеле пет часа или помалку од средината до подоцнежните години од животот „имаат поголем ризик да заболат од вакви болести“.
Нивните наоди беа објавени во списанието PLOS Medicine во октомври.
Учесниците во студијата кои спиеле пет часа или помалку имале 20 отсто поголеми шанси да бидат дијагностицирани со хронична болест и 40 отсто поголема веројатност да развијат две или повеќе хронични болести во споредба со популацијата која спиела седум часа навечер.
– Мултиморбидитетот расте во земјите со високи приходи и денес повеќе од половина од возрасните имаат најмалку две хронични заболувања. Ова се покажа како голем предизвик за јавното здравје, бидејќи мултиморбидитетот е поврзан со висок процент на користење на јавните здравствени услуги, со хоспитализации и инвалидитет – вели авторката на студијата, д-р Северин Сабија.
Претходните истражувања покажаа дека дури и спиењето помалку од седум часа навечер може да доведе до развој на хронични болести.