Животот без музика е тешко да се замисли.
На крајот на краиштата, многу работи во животот ги поврзуваме со одредени песни, а тоа никогаш нема да се промени.
Затоа е интересно да се погледнат резултатите од истражувањето кое се занимавало со влијанието на музиката врз менталното здравје.
Како што покажа најновата студија, чии резултати беа објавени во списанието American Medical Association Network Open, музиката позитивно влијае на менталното здравје.
Всушност, нејзиното влијание е еднакво на резултатот постигнат со вежбање.
Во вкупно 26 студии, колку што се вклучени во споменатото истражување, експертите, меѓу другото, откриле дека слушањето музика има подеднакво големо влијание врз здравјето како и физичката активност.
Иако претходно беше познато дека музиката позитивно влијае на менталното здравје, особено кога станува збор за музикотерапии, ова е првиот потврден податок кој го поврзува слушањето музика, или го поистоветува со придобивките од вежбањето.
– Воопшто не сме изненадени од фактот што музиката ја подобрува емоционалната благосостојба, а во исто време ни го обезбедува многу потребниот одмор од стресните ситуации. Истражувањата покажуваат дека кога слушаме музика, нашиот мозок ослободува допамин, хемиска супстанца која го намалува чувството на напнатост и стрес – вели психологот Скот Гласман, еден од авторите на ова истражување.
– Неодамнешните студии покажаа и дека луѓето имаат поголема корист од вежбањето додека слушаат музика. Нивната мотивација е поголема, а тоа позитивно влијае на нивното расположение за време на вежбањето – додава Гласман.