Редовната дентална хигиена може да спречи развој на многу болести, но не е доволно само да знаете колку пати дневно треба да ги четкате, туку и како и со која паста.
Стоматолозите предупредуваат да не се експериментира со домашни пасти и да се избегнуваат оние од растителна основа кои не содржат флуор.
Од неодамна на интернет кружат рецепти кои наводно помагаат при избелување на забите, но сепак можат да бидат многу штетни, но и опасни по здравјето.
Комбинацијата на состојки како лимон, сода бикарбона, сол и активен јаглен всушност може да биде многу штетна за забите и да доведе до придружни здравствени проблеми.
Според стоматологот Кетрин Меден, флуоридната состојка која се наоѓа во пастите го спречува кариесот. И со децении, научните истражувања покажаа дека флуоридот е безбеден и ефикасен во спречувањето на кариес.
– Користењето лимон, кој е кисел, или сода бикарбона и сол, кои се абразивни, може да го отстрани емајлот од забите или да предизвика промена на бојата – објасни таа, а потоа додаде дека некои луѓе не се двоумат да користат водород пероксид, кој може да иритира и да доведе до мали изгореници на непцата и меките ткива во устата.
Конечно, таа советуваше луѓето прво да разговараат со својот стоматолог пред да ја променат рутината за хигиена на забите, особено кога станува збор за децата.