Одењето во теретана попладне или навечер би можело да биде покорисно за слабеење отколку утринскиот тренинг, ги пренесува „Дејли Мејл“ резултатите од најновото истражување.
Утврдено е дека вежбањето помеѓу пладне и полноќ ја намалува отпорноста на инсулин.
Експертите велат дека вежбањето во оптимално време може да им помогне на луѓето да ја контролираат својата телесна тежина и да ги намалат шансите за добивање дијабетес тип 2.
Отпорноста на инсулин се јавува кога клетките во мускулите, мастите и црниот дроб се борат да одговорат на инсулинот и не можат лесно да ја преземат гликозата од крвта, што доведува до повеќе шеќер во крвотокот.
Претходните студии го поврзуваа вежбањето со подобра чувствителност на инсулин, а со тоа се намалувал ризикот од развој на дијабетес, но научниците сакаа да тестираат дали времето кога се вежба има некаков ефект.
Истражувачите од Медицинскиот центар Лајден во Холандија проучувале речиси 7.000 луѓе на возраст од 45 до 65 години.
Повеќето имале БМИ од 27 или повисоко, што значи дека биле дебели. Контролната група имала здрава тежина. Учесниците биле подложени на преглед при што беа земени примероци од крв за мерење на нивото на гликоза и инсулин во крвта пред и после оброците. Тие, исто така, ја земале нивната историја на животниот стил, а некои биле избрани по случаен избор за да им се измерат маснотиите на црниот дроб со помош на скенирање со магнетна резонанца.
Случајна група од 955 луѓе добија комбиниран акцелерометар и монитор за отчукувањата на срцето да го носат постојано 96 часа за да го следат нивното движење и нивоата на активност. Во анализата беа опфатени околу 775 лица со целосни податоци.
Резултатите покажаа дека трошењето време на умерена до интензивна физичка активност ја намалува содржината на маснотии во црниот дроб и исто така ја намалува отпорноста на инсулин.
Вежбањето попладне или навечер е поврзано со намалена отпорност на инсулин за 18 проценти и 25 проценти, соодветно, во споредба со рамномерно распоредената активност во текот на денот.
Немаше значајна разлика во отпорноста на инсулин помеѓу утринската активност и активноста рамномерно распоредена во текот на денот, според студијата објавена во списанието Diabetologia.
Истражувачите заклучија дека овие резултати сугерираат дека времето од денот на физичката активност е релевантно за корисните ефекти на физичката активност врз чувствителноста на инсулин. Понатамошните истражувања треба да проценат дали времето на физичка активност е навистина важно за појава на дијабетес тип 2.