Човечкото тело секојдневно губи вода преку пот, урина, па дури и дишење. Со оглед на тоа што нашите тела се составени од 60 проценти вода, важно е да ја надоместите изгубената течност со доволно и редовно пиење вода.
Се препорачуваат шест до осум чаши вода на ден, но тоа исто така зависи и од општото здравје, климата во која живееме и колку вежбаме.
Соодветната хидратација, меѓу другото, го одржува нормалното функционирање на мозокот и функцијата на дебелото црево, додека дехидрираноста може да предизвика разни краткорочни и долгорочни проблеми, а кои се овие проблеми, прочитајте подолу.
- Темна урина
Бојата на урината најбрзо ќе ви открие ако сте дехидрирани. Здравата боја на урина е бледо жолта или проѕирна. Ако сте дехидрирани, може да стане потемна и поматна, бидејќи е помалку разредена – ова е знак да се напиете чаша вода.
- Желба за благо
Се јавува особено во попладневните часови, а ние посакуваме благо затоа што црниот дроб поради недоволно внесување вода се бори со претворање на гликогенот во гликоза (шеќер) за крвотокот.
- Глад
Ако уште чувствувате глад после јадење, можеби причината е во дехидрираноста. Умерената дехидратација телото честопати погрешно ја толкува како глад, поради што копнееме по втора закуска, а всушност ни треба чаша вода.
- Сува уста
Сувата или леплива уста е еден од најлогичните знаци на дехидратација. Лековите или стареењето исто така можат да бидат причина, но во секој случај вреди да се провери дали водата ќе помогне во решавањето на проблемот.
- Главоболка
Главоболките предизвикани од дехидрираност можат да бидат со различен интензитет, од досадна и лесна до исцрпувачка. Оваа болка е предизвикана од привремено намалување на волуменот на мозокот поради губење на течности. Мозокот полека се повлекува од черепот, предизвикувајќи го ова непријатно чувство. Кога пиете вода, мозокот ќе се врати во нормален волумен и тогаш главоболката би требало да престане.
- Поспаност
Следниот пат кога ќе ве фати попладневна дремка, задолжително испијте чаша вода со шолјата кафе (ако пиете кафе). Чувството на замор е чест знак на дехидратација. Во една британска студија од 2015 година, секој петти пациент покажал симптоми кои можат да бидат резултат на недоволно внесување вода, вклучително и замор.
- Грчеви во мускулите
Во светот на трките, преовладува теоријата дека пиењето големи количини на вода може да спречи грчеви во мускулите, а некои лекари веруваат дека недостаток на вода во голема мера ја намалува циркулацијата на крвта неопходна за нормално функционирање на мускулите. Ова потоа може да предизвика грчеви во мускулите, особено за време на вежбање. Студија од 2015 година ја оспори таа теорија, но додека не се разјаснат работите, не штети да се напиете малку повеќе вода пред да вежбате.
- Лош здив
Дехидрацијата исто така може да предизвика халитоза или лош здив. Добрата вест е дека решението може да биде едноставно: пиењето вода може да го стимулира производството на плунка што ќе ја исчисти усната шуплина од бактерии кои предизвикуваат лош здив.
- Запек
Причината за запек е често многу едноставна – дехидрираност. Кога нема доволно вода во телото, дебелото црево ќе земе вода од столицата, што ќе ја отежни дефекацијата.
- Дехидрирана кожа
Понекогаш е тешко да се направи разлика помеѓу дехидрирана кожа, која може да се реши со доволен внес на вода и сува кожа, што е тип на кожа. Сувата кожа обично се затегнува, чеша и е иритирана. Дехидрираната кожа, од друга страна, е затегната, без сјај и честопати лесно се лупи. Без разлика дали вашата кожа е дехидрирана или природно сува, чаша вода е добар избор и во двата случаи.
- Лоша концентрација
Дехидрацијата има повеќе од физички симптоми. Понекогаш дури и лесната дехидратација може да биде доволна за да се отежне концентрацијата и за едноставни задачи. Ова не значи намалување на менталните способности, но поради дехидрација овие задачи може да се согледаат како потешки, како и обид да се задржи фокусот. Ова за возврат може да предизвика чувство на раздразливост, и кога ќе почнете да се чувствувате така, знаете што да направите – да испиете чаша вода.