„Ми понудија многу пари, над милион долари. Го одбив тоа“, рече Стјуарт
Род Стјуарт откри дека одбил повеќе од еден милион долари за да настапи на Светското првенство во Катар бидејќи смета дека „тоа не е во ред“.
Турнирот започнува оваа недела (20-ти ноември) во главниот град Доха, при што Катар и организаторите на Светското првенство ФИФА се соочуваат со постојани критики поради смртта на работниците мигранти кои го граделе стадионот и ставот на земјата кон хомосексуалноста, која е нелегална во Катар.
Откако Дуа Липа ги негираше гласините дека ќе настапи на церемонијата на отворањето и го повика Катар „да ги исполни сите ветувања за човекови права што ги даде кога го доби правото да биде домаќин на Светското првенство“, Стјуарт откри дека и тој ја одбил шансата да биде дел од прославата од морални причини.
„Ми понудија многу пари, над милион долари“, изјави Стјуарт за „The Sunday Times“, додавајќи:
„Го одбив тоа“, откри тој. „Не е во ред да се оди. И Иранците исто така треба да бидат исфрлени од Светското првенство поради снабдување со оружје“, рече рокерот, пренесува „NME“.
Инаку, британската поп пејачка Дуа Липа ги отфрли гласините дека ќе настапи на 20-ти ноември на отворањето на Светското фудбалско првенство во Доха, Катар.
„Во моментов има многу шпекулации дека ќе настапам на свеченото отворање. Нема, ниту сум била вклучена во некакви преговори за настап“, напиша таа на својот Инстаграм.
Пејачката додаде дека „оддалеку ќе навива за Англија“.
Се надевам дека ќе го посетам Катар кога ќе ги исполнат сите обврски за човекови права што ги презедоа кога ги добија правата да бидат домаќини на Светското првенство“, напиша Дуа Липа, пренесува „Танјуг“.