Американскиот телевизиски водител и комичар Џеј Лено се здобил со изгореници на лицето во гаража во Лос Анџелес откако еден од неговите автомобили избувнал во пламен.
Левата страна на лицето на поранешниот водител на The Tonight Show е изгорена, но окото и увото не се сериозно оштетени.
Лено ја потврди веста за „Вараети“: „Добив сериозни изгореници од пожар на бензин. Добро сум. Ми требаат една до две недели повторно да застанам на нозе.“
Веб-страницата „Дедлајн“ го потврди пожарот на бензин.
Лено (72) требаше да присуствува на финансиска конференција во Лас Вегас, но плановите беа откажани по неговите повреди, кои во тоа време не беа јавно објавени.
Лено поседува колекција од 286 возила – околу 100 автомобили и мотоцикли.
Тој беше еден од најгледаните ТВ-водители во САД со својата емисија „Тунајт шоу“. По напуштањето на ток-шоуто, почна со своја сопствена програма „Гаража“ (Jay Leno’s Garage) на „Си-ен-би-си“. Во последниве две години, тој е водител на You Bet Your Life.